Роналдо си оди од Ал Наср и бара нов клуб кој ќе игра Светско клупско првенство

Ако пред неколку недели веста дека еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња ќе замине од Саудиска Арабија делуваше како шпекулација, сега се повеќе се зборува за нова необична селидба на Португалецот.

Четириесет годишниот Кристијано Роналдо е пред крајот на договорот со Ал Наср во Саудиска Арабија а после мечот со Ал Фатех (2-3) на кој го постигнаа јубилејниот 800-ти гол во својата клупска кариера, објавил проштална порака.

„Ова поглавје е завршено. Приказната? Уште се пишува. Благодарен сум им на сите“, напишал Роналдо во порака која набрзо се прошири по целиот свет.

Договорот на Кристијано со Ал Наср истекува на 30. јуни а тој решил да замине пред време и да го искористи новиот специјален трансфер преоден рок на ФИФА во рок од 1. јуни до 10. јуни овозможен за 32 екипи кои ќе играат на првото издание на новото Светско клупско првенство (од 14. јуни до 13. јули).

Ал Наср нема да игра на овој турнир, ќе игра шампионот Ал Хилал.

Претседателот на ФИФА Џани Инфантино минатата недела кажал дека знае како „постојат разговори за тоа Роналдо да направи трансфер во клуб кој ќе игра на Светското клупско првенство“.

Португалецот постигна 93 гола на 105 меча за Ал Наср и два пати ја освои Златната копачка како најдобар стрелец во Саудиска Арабија. Последната баш сезонава.

Роналдо има вкупно 937 официјални голови на официјални натпревари од кои 801 на клупско ниво. Тој сепак не можел да се помири со фактот дека во три сезони ниту еднаш не успеа со Ал Наср да ја освои шампионската титула која му ја земаше два пати Ал Итихад и еднаш Ал Хилал. Во азиската Лига на шампиони Ал Наср испадна во полуфинале кога изгуби од јапонскиот клуб Кавасаки Фронтал.

Наводно за Роналдо се заинтересирани 4 големи бразилски клубови: Палмеирас, Фламенго, Флуминенсе и Ботафого кои ќе играат на Светското клупско првенство. Интерес имало и од САД, а Роналдо наводно бил фокусиран само на завршницата на Лига на Нации каде ќе игра со Португалија во полуфинале против Германија.

27 мај 2025 - 10:16