Селекцијата на Романија беше наш противник уште на првите наши квалификации за Светско 1998. Опасна репрезентација имаа тогаш и на Мундијалот во Франција стигнаа до осминафинале, а во групи ја тепаа Англија и завршија први.
Квалификацискиот циклус за нив беше загревање и групата ја поминаа глатко со 9 победи и едно реми. Гол разлика 37:4 на 10 средби. Каква ефикасност.
Прво ги пречекавме на градски на 14 декември 1996-та со Данчо Целески, Гоце Седлоски, Митко Стојковски, Љупчо Марковски, Игор Саша Николовски, Срѓан Захариевски, Влатко Гошев, Тони Мицевски, Ѓорги Христов, Саша Ќириќ и Дејви Главевски. На клупа беа Зоран Јовановски, Ристо Милосавов, Сашо Милошевски, Тони Наумовски, Ванчо Мицевски, Милан Стојаноски и Антонио Филевски. Селектор Ѓоко Хаџиевски.
Загубивме 0:3 и тоа без легендата и капитенот Георге Хаџи кој ја предводеше Романија на СП 1990, 1994 и 1998. Но во Скопје допатуваа тогаш славните Петреску, Попеску и Филипеску. Хет-трик запиша Георге Попеску.
Реваншот се играше на 20 август 1997-ма, а Романците победија 4:2. Двата гола за Македонија ги постигна Мирослав Ѓокиќ кој влезе од клупа. Член на Силекс беше во тоа време.
Ждрепката повторно за противник ни ја донесе Романија во квалификациите за СП 2006. Тогаш во уште посилна група која без пораз ја освои Холандија, а втора заврши Чешка на само два бода пред Романците кои и тогаш беа незгоден противник.
Андријан Муту и Кристијан Киву им беа двете најзвучни имиња од Серија А, а двете средби ги добија со идентична победа од 2:1. Прво игравме на гости на 3 септември 2004-та и со израмнувањето на Васоски во 70-та минута бевме блиску до реми. Но Муту ја реши од слободен удар во 89-та минута.
На вториот дуел на 30 март 2005-та, македонската репрезентација ја водеше Слободан Сантрач. Македонија повторно израмни овој пат преку Мазнов, но не успеа да извлече поволен резултат.
Меѓусебни дуели на европски квалификации немаме, но имаме една пријателска во Австрија која ја добивме со 1:0. Стрелец Ванче Шиков. Селектор тогаш беше Мирсад Јонуз, а од спротива Разван Луческу, син на славниот Мирчеа Луческу.