Римското дерби се живее пред, по и за време на цела година

26 мај 2013 година е историски датум за двата големи ривали од Рим кои за прв пат се сретнаа во финалето од Купот на Италија. Го реши Лулиќ во 71 минута, а како тренер го доби Босанецот Владимир Петковиќ, кој за италијанските медиуми зборува на таа тема во пресрет на утрешната пресметка.

Што претставуваше за вас дербито?

Прекрасен натпревар кој треба да се доживее целосно. Штета што овој пат нема да одат на стадион многу луѓе поради веќе познатите причини. Нема да биде исто во однос на убавината и возбудата на дербито без најстраствените навивачи. Овие мечеви секогаш знаат да изненадат.

Како влегуваат двете екипи во овој меч?

Би рекол и двете прилично добро. Рома делува посигурно, Лацио има повеќе “глад“ и сака да се опорави по лошиот пораз од Милан. Дербито е натпревар сам за себе и има свои правила.

Излишно е да ве прашаме кое е вашето најубаво дерби. Можеби имате и само едно лошо, со оглед на тоа што само едно загубивте?

За мене сите се убави, бидејќи од поразите може да се научи и да се осознае другото лице на мечот. Се разбира тоа во финалето на 26 мај беше навистина посебно, бидејќи влеговме во историјата. Но и првото кое го добивме со 3:2 на дожд во една посебна атмосфера ќе ми остане незаборавно.

Имавте ли некои суеверни ритуали на неколку дена или неколку часа пред мечот?

Немав ритуали. Не размислував на тој меч една недела пред да се игра, но кога пристигнав во Рим тоа беше една од првите работи за кои се зборуваше. Тоа ме опкружуваше уште од првиот ден во Лацио. Дербито се живее пред, по и за време на цела година. Фасцинантно е пред се во град како Рим.

Имате ли анегдоти или посебни сеќавања од овој меч?

По првото дерби кое го победивме веднаш беше запишано и ставено во рамка на Формело, а исто така и тоа на 26 мај. Ми беше многу мило и тоа е доказ колку е важно дербито во главниот град.

7 ноември 2015 - 19:17