Баерн Минхен викендов загуби од Баер Леверкузен со 2:0 и го забележа шестиот пораз оваа сезона. Есенскиот дел од сезоната тие го завршија како лидери со три поени повеќе од Борусија Дортмунд, а по седум пролетни кола веќе заостануваат со седум поени.
Баварците за овие седум кола постигнаа само осум голови, што е помалку и од Аугсбург и Фрајбург, а претрпеа пораз од 1:0 и од Базел во Лигата на шампиони. Моменталната атмосфера во тимот е многу лоша, а тоа го опиша и Франк Рибери.
„Ова едноставно е срање! Минатата недела бевме среќни по победата над Шалке, а сега сме скршени“, изјави францускиот репрезентативец.
Своето разочарување не го крие и спортскиот директор Кристијан Нерлингер кој призна дека клубот повеќе не може да смета на освојување на трофеј во Бундеслигата.
„Од ова коло веќе сигурно не можеме да размислуваме за освојување на титулата. Ако ја погледнете табелата, јасно е дека и помогнавме на Борусија Дортмунд за да си го одбрани трофејот. Титулата сега не е во нашиот домет“, изјави Нерлингер.