Компанијата Ред Бул, вредна 4,25 милијарди долари спонзорира шест клубови на четири различни континенти. Покрај Салцбург, стои и зад второлигашот Лајферинг, кој е филијала на Слацбург. На нивното портфолио застапени се и Њујорк Ред Бул, Ред Бул Бразил, Ред Бул Гана и Лајпциг, кој поради правилата во германскиот фудбал не е дозволено да го користи името на брендот.
Најпознатиот енергетски пијалок последниве 10 години во Европа најмногу се насочи на Австрија Салцбург и во 2005 година го зеде во свои раце. И покрај несогласувањето на навивачите клубот го ребрендираа целосно, а името му го сменија во Ред Бул Салцбург.
Новите газди сосема ги оправдаа ветувања. На почеток донесоа славно тренерско име од Италија, а тоа беше Џовани Трапатони кој на клупата за прв помошник го повика легендарниот Лотар Матеус. Сезоната заврши според планот, бидејќи шампионската титула по пауза од 10 години се врати во Салцбург.
Италијанскиот стратег доби селекторска понуда од Република Ирска и по само година и пол ја напушти Австрија, но Салцбург тука не застана. Во следните четири години, навивачите се радуваа на уште четири шампионски титули, два пехари во купот и редовен пласман на Европска сцена.
Раководните луѓе развија и стратегија за работа на трансфер пазарот, слична на онаа на Базел и Порто. Бараа млади таленти од странство и истовремено им даваа шанса и на оние од сопствената академија и од нивниот втор клуб Лајферинг. Потоа ги продаваа за повеќе пари, а како замена носеа играчи со идентичен квалитет, кои можеа да го понесат товарот на клубот.
Садио Мане, Кевин Кампл и Алан Карваљо беа трите ѕвезди во клубот од кои заработија најмногу пари, а двајца од нив пратија во најсилните лиги. Мане замина во Саутепмтон за 15 милиони евра, а Кампл во изминатиот јануарски преоден рок ја засили Борусија Дортмунд за скоро иста сума. Многу поголем предизвик доби и тренерот Роџер Шмид кој од 2014-та е на кормилото на Баер Леверкузен.
Челните луѓе на Ред Бул паралелно развиваат и нова успешна приказна во Европа, со која се чини имаат поголеми планови. Тоа е најновиот германскиот второлигаш Лајпциг, кој се наоѓа во Саксонија, една од 16-те покраини на Германија.
Соработката меѓу Ред Бул и Лајпциг почна пред пет години, а клубот настана откако новиот спонзор ја откупи лиценцата на петтолигашот Маркранштад и во 2009 година го оформи Лајпциг. Плановите веднаш почнаа да ги остваруваат, а тоа го покажаа со брзина на светлината. Клубот од петта лига, за четири години влезе во второлигашко друштво. Приоритетите на газдите се јасни.
„Тоа што се случува во Лајпциг, нема никаков ефект врз Салцбург. Кога има два клуба, еден во Германија и еден во Австрија, силата на лигата одредува каде ќе биде главниот фокус. Салцбург секогаш ќе има тим кој ќе може да се натпреварува за титула во првенството и кој ќе игра на меѓународна сцена“, изјави сопственикот на Ред Бул, Дитрих Матешиц на прес конференцијата која всушност се одржуваше на претсезонскиот камп со неговиот Формула 1 тим.
И покрај овие ветувања појавата на Лајпциг сепак е закана, а не поттик за Салцбург. Германскиот фудбал е меѓу најелитните во сетот, каде пазарот и приходите се многу поголеми од земја со помала лига во која се натпреваруваат 10 клубови.
Мислењата во Лајпциг се поделени. Едни сметаат дека во старата Источна Германија потребни се вложувања во фудбалот, а други мислат дека тоа е само ширење на бизнисот на компанијата која сака само да го промовира и продава енергетскиот пијалок во тој дел од земјата.
Но Ред Бул Лајпциг годинава во втората германска лига е еден од најголеми трошаџии со буџет од 20 милиони евра, сума која ги надминува парите со кои заедно располагаат многу клубови од тој ранг во Германија.
Клубот во моментов е шести на табелата, а следните планови на Ред Булс се со влог од околу 100 милиони евра до 2017 година да ја постигнат целта, наречена Бундеслига. Во тоа ќе биде ангажиран и поранешниот тренер на Шалке Ралф Рангник кој ја врши функцијата спортски директор и на Салцбург и на Лајпциг, но ќе добие многу поголеми обврски во германскиот клуб.
Со оглед на тоа што зад хитот во втората германска лига кој постои само 5 години, стои најголемиот продавач на енергетски пијалок во светот кој врти милијарди, во Источна Германија веруваат дека за само неколку години тоа ќе биде следниот конкурент на Баерн Минхен за врвот во Бундеслигата.