Голот на Марио Гомез во последните момементи од натпреварот во Минхен им донесе на Баварците заслужена предност од 2:1 која вечерва тие ќе се обидат да ја одбранат во Мадрид.
Баерн Минхен повторно ја загуби титулата во Германија оваа сезона, па дополнителен мотив за Баварците претставува надоместување на загубеното и тоа со триумф во финалето на нивниот стадион на 19 мај.
А тренерот Јуп Хејнкес знае како се освојува трофејот во Лигата на шампиони. Тоа му успеа во сезоната 1997/98 и тоа токму со екипата на Реал Мадрид.
Но далеку од тоа дека ќе имаат лесна задача. Реал Мадрид на домашен терен има максимален учинок во Лигата на шампиони оваа сезона и 10 победи на последните 11 натпревари.
На кормилото го имаат Жозе Мурињо кој го знае лекот за Баерн Минхен. Тој со Интер во 2010-та година ги победи Баварците во финалето на Лигата на шампиони кое се одигра токму на Сантјаго Бернабеу.
Двете екипи се наоѓаат во одлична форма и имаат огромен мотив, а тоа ветува одличен натпревар кој се надеваме дека ќе биде барем приближно интересен како вчерашното полуфинале.