Првиот помошник на Фергусон во Манчестер Јунајтед беше Арчи Нокс кој Шкотланѓанецот си го донесе од Абердин. По петте години крај Фергусон, тој ги водеше и Данди и шкотската репрезентација до 21 години, но без поголем успех и се уште е познат само како „првиот помошник“.
Брајан Кид беше доведен како замена за Нокс во 1991-та година и тој е класичен пример за тоа како високо ценетите тренери тешко ја поминуваат траницата од број 2 во број 1. Откако го напушти Јунајтед во 1998-та година, доби шанса во Блекбурн. Четири години откако ја освои титулата, Блекбурн испадна во втора лига под водство на Кид. Тој веднаш заработи отказ и си се врати во старата улога на помошник тренер. Денес тој е дел од стручниот штаб на Манчестер Сити.
Следеше Стив Мекларен кој оствари најголем успех од сите помошници на Фергусон. Асистентот на Фергусон од 1999 до 2001, го освои Лига купот со Мидлсборо (2004) и шампионската титула со Твенте (2010), но како селектор на Англија остана без пласман на ЕУРО 2008, а денес е менаџер на второлигашот Дерби.
Во 2002-та година на клупата до Фергусон седна Карлос Кеирош. Португалецот пристигна во Манчестер Јунајтед со искуство од репрезентациите на Португалија и Јужна Африка, како и Спортинг. Тој му беше асистент на Фергусон во два наврати (2002-2003 и 2004-2008), а во меѓувреме доби понуда која не се одбива од Реал Мадрид. По десет трауматични месеци тој доби отказ откако Реал заврши на четвртата позиција. Денес тој е селектор на Иран.
По Квеирош следеше Мајк Фелан кој го следеше Фергусон до неговото пензионирање, а во овој период асистираше и Рене Меленстен. Фелан го напушти Олд Трафорд набргу по Фергусон и од тогаш е без работа, додека Меленстен минатата година доби отказ од Анжи по само 16 дена, а оваа сезона во Фулам издржа само 75 дена.