Земјата која е само една точка на географската мапа на Апенините со површина од 61км2 и 30.000 жители, не е повеќе најслабата фудбалска репрезентација на планетата според рангот на ФИФА.
Последниот нерешен резултат без голови на квалификацискиот дуел за ЕП 2016 против Естонија им донесе скок од 28 места на рангирањето и по шест години успеа да го избегне последното место.
Дека ова не е случаен резултат кој ќе се повтори за 30 години, надеж им дава и селекцијата до 21 година која во последните 12 месеци го победи Велс со 1:0 и одигра 0:0 против Финска во квалификациите за Европското првенство наредната година.
Тоа не беше доволно за да се пласираат, но четирите бодови освоени на два меча во низа е најголемиот успех за некоја од селекциите на Сан Марино на меѓународните натпреварувања.
Минатата година оваа земја ја имаше првата победа и на клупската меѓународна сцена. Тоа беа трите бода на Тре Пене кој иако беше елиминиран во првото квалификациско коло за Лигата на шампионите, успеа да го победи едниот натпревар против ерменскиот претставник Ширак.
Сан Марино сега ужива на 180 позиција на ранг листата на ФИФА, а последна е Бутан како 209-та селекција во светот. Успеаа да ја минат и Андора која е на 201 место и со која Македонија нема убави спомени.
Ова не е најдобриот ранг за Сан Марино, туку тоа се случи во 1993 година кога беше 118-та, но во тоа време беа различни критериумите за бодување.
Сега следниот чекор на фудбалерите на Сан Марино е да се израдуваат на гостински терен. Последен пат тоа го направија на пријателски натпревар против Лихтенштајн во 2003 година кога одиграа 2:2, а една година претходно ремизираа 1:1 со Летонија на квалификациите за СП 2002.
Им преостанува да ја бркаат и втората историска победа од своето постоење. Единствената им се случи во април 2004-та кога на својот стадион со 6.664 седишта го победија Лихтенштајн со 1:0.
Клик ТУКА за да видите со колку фудбалери и се спротивставија на Англија.