Диего Тристан го доби култниот статус на почетокот на минатата деценија, кога во дресот на Депортиво се поигруваше со противничките голмани. Поради специфичниот дриблинг и трчање го доби прекарот Шпанскиот гуштер.
Тристан беше лидер на импресивниот Супер Депор кој во 2002. година го освои Кралскиот куп и Супер купот на Шпанија. Брзиот напаѓач беше најзаслужен и за полуфиналето на ЛШ кое Депортиво го играше во 2004. година.
Кариерата ја започнал во Б тимот на Бетис пред да замине во Мајорка каде во Примера на 35 средби даде 18 голови во сезоната 1999/2000. Мајорка во тој период беше еден од клубовите кој одлично се носеше со Реал и Барса.
Тогашниот претседател на Реал Мадрид, Лоренцо Санс се обиде да го ангажира младиот Диего кој блесна во дресот на Мајорка, но поради смена на претседателската функција на Бернабеу, договорот со Тристан, како и неговиот сон да заигра за Кралевите пропадна.
Моментот го искористи Депортиво чијшто претседател Аугусто Лендоиро се одлучи да искешира 11.000.000 евра за Тристан. Тоа се испостави како фантастичен потег затоа што Диего брзо стана расен центарфор кој поседува сè што му треба на врвен напаѓач.
Иако на Риазор главниот збор во нападот го водеше Рој Макај, сепак Тристан успеа да се избори за својот глас и на 29 натпревари постигна 19 голови. Веќе стана познат ширум Европа, а во сезоната 2001/2002 постигна неверојатни 21 гол на 35 натпревари.
Заедно со Валерон, Џалмиња и легендарниот Фран, Диего Тристан го сочинуваше најмоќното напаѓачко друштво во Европа во тоа време. Моќта на Депортиво на своја кожа ја почувствуваа Јунајтед и Арсенал во првата и втората фаза од ЛШ. Тристан го постигна и голот на Олд Трафорд со кој Депор заврши прв во групата.
2002. година беше најуспешна во кариерата на Тристан, затоа што ја доби наградата Пичичи, наменета за првиот стрелец во Ла Лига и доби повик да му биде ортак на Раул во шпицот на Furia Rioja на СП во Јапонија и Јужна Кореа. Сепак, Тристан се повреди на Мундијалот и потоа следуваше серија тешки повреди кои го оддалечија од добрата форма.
Сезоната 2003/2004 беше сезона за паметење. Тогаш златната генерација на Депортиво ги сруши сите фаворити и на убедлив начин стигна до полуфиналето на ЛШ. Станаа првиот тим во историјата кој се вратил по минус од 3 гола од првиот меч и го победија Милан 4:0 на Риазор.
По таа сезона, кариерата на Тристан започна стрмоглаво да паѓа, следуваа нови повреди и селидба во Вест Хем, Ливорно и Кадиз каде на 37 години ја заврши својата фудбалска приказна. Ќе го паметиме по маестралните потези и особено двата гола, против Алавес и Монако.