Премиерлигашите потрошија 280 милиони евра за еден месец

На Островот летово се фрлаат пари како на популарната игра Менаџер. Најмногу за сега троши Ливерпул кој воопшто не ги штеди 88 - те милиони фунти од продажбата на Суарез, а Саутемтпон направи пари за пет идни генерации.

Арсен Венгер како да почна да ги слуша редовните повици од трибините на Емирати па тргна да троши повеќе пари на засилувања. Французинот сепак немал змија во џебот, па по ланскиот скап трансфер со Озил, летово за Чилеанецот Алексис Санчез ѝ плати на Барселона 33 милиони фунти.

Најголем профитер на летниот пазар во Англија за сега е Саутемптон. Тимот од јужна Англија за 5 фудбалери ќари 105 милиони фунти!

Дури 33 милиони фунти Саутемптон доби од Манчестер Јунајтед за 19–годишниот Лук Шо. Левиот бек на англиската фудбалска репрезентација на Олд Трафорд дојде како долгорочно решение и замена за ветеранот Евра.

„Светците" инкасираа уште 76 милиони фунти од продажбата на Калум Чемберс кој замина во Арсенал и од триото Адам Лалана, Рики Ламберт и Дејан Ловрен кои го засилија Ливерпул.
На прагот да го напуштат „Сент Мери" се уште и Родригез и Шиндерлин, кои тропаат на вратата на Тотенхем.

Спектакуларниот трансфер ова лето го направи Ливерпул кој го продаде Суарез во Барселона за 88 милиони фунти. Парите ги искористија за Лалана, Џан, Марковиќ, Ловрен и Ламберт.

Не мируваа ниту Челси и Манчестер Јунајтед. Абрамович на Мурињо му ги доведе Диего Кошта, Фабрегас и Фелипе Луис, но во меѓувреме ги продаде Давид Луиз во ПСЖ и Лукаку во Евертон.

На Олд Трафорд пристигнаа Андер Ерера од Билбао и Лук Шо од Саутемптон.

Топ 10 трансфери во Англија во вкупна вредност од 280 милиони евра

1. Алексис Санчез (од Барселона во Арсенал) - 33 милиони фунти
2. Лук Шо (од Саутемптон во Ман. Јунајтед) – 33 милиони фунти
3. Диего Кошта (од Атлетико Мадрид во Челси) – 32 милиони фунти
4. Андер Ерера (од Билбао во Ман. Јунајтед) – 31. 7 милиони фунти
5. Францеск Фабрегас (од Барселона во Челси) – 29 милиони фунти
6. Ромео Лукаку (од Челси во Евертон) – 28 милиони фунти
7. Адам Лалана (од Саутемптон во Ливерпул) – 27 милиони фунти
8. Дејан Ловрен (од Саутемптон во Ливерпул) – 27 милиони фунти
9. Лазар Марковиќ (од Бенфика во Ливерпул) – 22 милиони фунти
10. Калум Чемберс (Саутемптон во Арсенал) – 17, 8 милиони фунти

31 јули 2014 - 14:13