Правилата во кинескиот фудбал и моќната седумка

Кинеското цунами кое го погоди европскиот фудбал не може да биде толку големо како што изгледа бидејќи клубовите се лимитирани на четворица странци во екипа. Приоритет е да има место за Кинезите кои треба од нив да научат фудбал. Работата изгледа доста сериозна бидејќи во игра се влезени најголемите светски компании.

Откако ви ја откривме позадината на кинеската инвазија во купувањето на фудбалери – ѕвезди и стратегијата до 2050 година, ќе ви ги претставиме седумте големи клубови кои се водечки во кинескиот фудбал, но и правилата кои ќе им бидат пречка во нивните големи апетити.

Шангај Шенхуа, Шангај СИПГ, Гвангжу Евергранде, Џенгсу Сунинг, Пекинг Гаун, Шандонг Луненг и Хебеј. Запаметете ги имињата на овие седум клубови кои водат битка за превласт. Тие се од моќен помоќен и парите не им се проблем, имаат колку сакаат, но нема да го следат примерот на Англичаните кои во лигата ги носат најголемите ѕвезди, а репрезентацијата им е ужас, туку сакаат странски фудбалери кои ќе бидат примери и учители за домашните играчи.

Кинезите имаат лимит во купувањето на странци и е дозволено да имаат по четворица во тим, плус уште еден кој мора да биде од Азија или Австралија. Исто така забрането е да купуваат и голмани од странство, што значи дека од Кина нема никогаш да стигне понуда до еден Буфон, Ноер или Касиљас.

Би, Џин, Џанг Сун се имиња кои сигурно ништо не ви значат и кои се платени по десетици милиони евра бидејќи спаѓаат во ретката група на домашни фудбалери кои имаат некаков квалитет. Таквите играчи се злато поради ограничениот број на странци, а солидните домашни играчи се луксуз бидејќи е тешко да се најдат.

Затоа Кинезите претплатуваат фудбалери од Јужна Кореја и Австралија кои можат да го заземат единственото место за странец од тој крај. Се користат и дупки во законот, па така Турчинот Ерсан Гулум настапува како петти странец бидејќи има австралиски пасош. Ист е и случајот со Жусилеј од Бразил кој има палестинско потекло и пасош.

Четирите места за странците се чуваат внимателно, па дури се случува и странецот да биде исплатен година или две пред да му истече договорот за да си замине и ослободи место за друг па и подобар. Така Ненад Милијаш го напушти Хебеј една година пред истекот на договорот и потоа дојдоа Лавеци, Какута, Мбија и Жервињо.

Кинезите генерално носат јужноамерикански фудбалери кои си ги жртвуваат кариерите за што поголема заработка. Најбројни се Бразилците, а меѓу нив има и репрезентативци како Хулк, Ралф, Ренато Аугусто, Паулињо, Жил, Рамирес, а најново и Оскар. Прв напаѓач од Бразил кој замина во Кина беше Диего Тардели.

Дури и не е правило за Бразилците дека во Кина си ја жртвуваат кариерата. На претходниот список на селекцијата на Бразил имаше тројца играчи од Кина: Жил, Аугусто и Паулињо, а уште тројца се привремени: Хулк, Оскар и Тешеир.

Причината за масовната миграција на Бразилците во Кина се парите, но Кинезите успеваат да ги примамат и со ангажирање на бразилски тренери како Менезес, Сколари, Луксембург.

Во трансферите посредуваат најмоќните бразилски агенти како Жилмар Риналди и Вагнер Рибеира. Што се однесува до Аргентинците, после Конка, замина Лавеци, па Тевез.

ГОЛЕМАТА СЕДУМКА ЗАД КОЈА СТОЈАТ НАЈГОЛЕМИТЕ БОГАТАШИ

Шангај Шенхуа

Ова е клубот кој го направи Тевез најскап фудбалер во свет и допрва се очекува да шокира. Шпанските медиуми пишуваат дека токму тие стојат зад понудата од 300 милиони евра за Роналдо. Капитен им е Џовани Морено, големата надеж на Колумбија, а тренер им е Гус Појет.

Другите странци во Шангај се Демба Ба и Обафеми Мартинс кои веројатно оваа зима ќе им отстапат место на поголеми и поскапи имиња од нив. Шангај е трикратен шампион на Кина и еден од најконтроверзните клубови поради скандалот со местење натпревари по кој една титула им беше одземена.

Во 2014-та газда стана Гринленд, најмоќната компанија за недвижен имот чија вредност се проценува на 58 милијарди долари. Значи педесет и осум милијарди. Газда е локалната самоуправа, а следна мета им е Ди Марија.

Шангај СИПГ

Кратенката SIPG значи Shanghai International Port Group. Се работи за компанијата која ги држи сите терминали на пристаништето во Шангај, па сега видете вие што значи да го имаш монополот на најголемото пристаниште во свет. Фабрика за пари.

Оваа компанија пред три години влезе со многу пари во клубот и од тогаш троши без милост. Прво го донесоа за тренер Свен Горан Ериксон за годишна плата од 15 милиони евра, па Андре Вилаш Боаш за 12 милиони.

Од играчите на Дарио Конка му даваа 10 милиони по сезона, а на Азамоа 15 милиони. Но нивните апетити се поголеми, па прво го продадоа Азамоа, а на излезна врата е и Конка. Минатото лето на Зенит за Хулк му извадија 58,5 милиони евра и годишна плана од 20 милиони.

Тоа не е се. Пред неколку дена направија бум со Оскар кој го платија 70 милиони евра и го направија поплатен од Роналдо и Меси. За Аксел Витсел нудат вкупно 101 милиони евра (обештетување и плата за 4 и пол години).

Гвангжу Евергранде

Ова е најзвучното име во оваа седумка за кое дознавме кога тренер им стана Марчело Липи. Се работи за гигант број 1 во кинескиот фудбал кој 8 години по ред ја освојува титулата во домашното првенство. Газда им е осмиот најбогат Кинез чија компанија се занимава со трговија за недвижности, изградба на соларни панели, фарми, земјоделски проекти, производство на детска храна.

Гвангжу прв почна со пумпање на сумите кога почнаа да ги купуваат Клео, Конка, Дијаманти, Џилардино...Прво станаа шампиони на Азија со Липи, а потоа со Сколари. Како ги редеа титулите, така почнаа со купување на се поскапи и атрактивни играчи како Паулињо од Тотенхем, најдобриот играч од бразилското првенство Рикардо Гуларт и минатата зима Џексон Мартинез за 42 милиони евра.

Компанијата Евергранде продаде 40% од својот удел во Алибаба, светскиот лидер за трговија на интернет која вреди 212 милијарди евра. За разлика од двата клуба од Шангај, Гвангжу работи тивко и наеднаш излегува со бомба. Следна мета им се Џон Тери и Фабрегас.

Џенгсу Сунинг

Пред година и кусур Џенгсу стана сопственост на компанијата Сунинг која важи за трета најмоќна компанија во Кина и една од најмоќните во свет. Веднаш штом станаа газди на клубот го купија Алекс Тешеира за 50 милиони евра кој стана најскап трансфер во историјата на Кина.

Оваа компанија зачекори и во европскиот фудбал откако го купи Интер, а за тв права на мечевите од Премиер лигата платија 670 милиони евра за три години, што е најскап договор за тв права за Премиер лигата надвор од Европа. После Тешеира, го купија Рамиреш од Челси и со нетрпение се чека кои ќе бидат следните засилувања со оглед на тоа што имаат уште две слободни места за странци.

Пекинг Гаун

Клубот од главниот град на Кина и покрај големите финансиски средства се уште ги нема постигнато очекуваните резултати. Неговата вредност се проценува на 180 милиони евра што го прави втор во Кина, а во сопственост е на компанијата CITIC Guan кој е дел од групацијата CITIC кој е државен гигант во трговијата, индустријата, банкарството.

Обично се на врвот, но никако да ја прекинат доминацијата на Гвангжу. Минатата зима го купија Ренато Аугусто и Бурак Јилмаз, а летоска понудија 50 милиони евра за Туран кој ги одби. Од нив се очекува многу уште овој месец.

Шандонг Луненг

Најславните денови на овој клуб се врзани со српскиот стратег Љубиша Тумбаковиќ со кој освои две од трите титули во Кина. Потоа таму работеа Радомир Антиќ, па поранешниот селектор на Бразил, Менезес, а сега ги води Феликс Магат.

Сопственик на клубот е групацијата Шандонг Луненд, која е една од најголемите производители на струја во Кина и дел од државната корпорација која е најголем производител на струја во светот.

Не се потребни повеќе детали за нивното богатство и моќ, но дека не е се во парите најдобар доказ е нивната ланска сезона. Го купија бразилскиот дефанзивец Жил, потоа Папис Сисе, па дојде Грацијано Пеле и на крај завршија на катастрофалното 14 место. Единствен богат клуб од Кина кој дојде до таква ситуација која не смее да им се повтори.

Хебеј

Последниот клуб на оваа листа на гиганти е меѓу новопечените богаташи. Хебеј постои само 5 години, а лани прв пат влегзе во прва лига. Иако се работи за млад клуб, нивните апетити се големи. Додека беа во втора лига ги водеше Радомир Антиќ, а сега на клупа седи Мануел Пелегрини кој наводно добил ветување од 150 милиони евра за засилувања.

Парите не им се проблем бидејќи газдата ја има една од најголемите градежни фирми во Кина. Островските медиуми неодамна пуштија вест дека Хебеј ќе биде прв кинески клуб кој ќе тргне по Меси со понуда од пола милијарда евра. Минатата зима ги купија Лавеци, Мбија, Какута и Жервињо. Ова е само почеток за овој лудо амбициозен клуб.

Споменатите седум клубови овој месец се очекува се повеќе да дрмаат на светскиот фудбалски пазар. Меѓу нив има уште еден клуб на кој треба да обрнете внимание. Тоа е новиот прволигаш Тијанџин Кванжан кој има големи планови. Како второлигаши го купија Луис Фабијано и Жадсон, за Никола Калиниќ нудат 40 милиони евра, а на Кавани му нудат 20 милиони евра по сезона. Тренер им е Фабио Канаваро.

5 јануари 2017 - 16:28