Стартот на годината значи и старт на нови возбудливи случувања во зимскиот преоден рок кој традиционално во јануари знае да донесе трансфер на интересно големо име во фудбалот. Тоа обично се случува во големата петорка во Европа.
Центар на внимание на таа тема сега не е Европа, туку Кина, кој би рекол. Минатата зима тргнаа со трансфери од типот на Џексон Мартинез, Рамирез, Гуарин, Лавеци, на лето продолжија со Хулк и Пеле, а оваа зема влегоа брутално со безобразно високи понуди упатени до врвни фудбалски имиња. Едни одбиваат, други се фаќаат за јадица.
ОД КАДЕ СЕТО ОВА КИНЕСКО ЛУДИЛО И ЗОШТО?
Прашања на кои цела фудбалска планета бара одговор и се обидува да ја сфати логиката во сето она што го пишува во вестите кои доаѓаат од Кина.
Реномираните светски медиуми како Њујорк Тајмс и Гардијан на целата оваа фудбалска приказна му даваат социолошко – политички агол. Спортската јавност во Европа и понатаму скептично ја врти главата и со неверување голта кнедли додека ги гледа сумите кои Кинезите ги плаќаат за ѕвездите кои се далеку од залезот на своите кариери.
Тие повеќе не се задоволуваат со ветерани и маркетиншки трикови, туку плаќаат богато и бараат од Европа претежно Јужноамериканци од кои очекуваат да го пренесат своето знаење во неталентираната нација за фудбал.
Дали ова што го прават Кинезите е поштено? Во елитниот фудбал нема таква категорија. Дали беше поштено тоа што го правеа Берлускони, Морати, Танци, Ањели, шпанските монарси од Мадрид, Каталонците од Барселона? Дали е поштено тоа што и го прави Баерн на конкуренцијата во Бундеслигата или тоа што екипи како ВБА и Стоук имаат толку пари со кои можат да донесат играч од 20 милиони евра? Дали е поштено тоа што го направи Абрамович со Челси?
Затоа и Кинезите имаат право на свои планови, желби и соништа. Колку и на некој тоа да не му се допаѓа, тие имаат право да го “киднапираат“ европскиот фудбал, иако нели потајно се надеваме дека тоа нема да се случи.
КОЈ КАКО ПОЧНА
Патот на кинеските милијардери го отвори Гвангжу Евергранде кој се прослави со Марчело Липи. Тој ги направи шампиони на Азија во 2012-та, потоа неуспешен обид како тренер имаше неговиот наследник Фабио Канаваро, а во 2015-та беа повторно најдобри на континентот на чело со Луис Фелипе Сколари.
Кинезите долго време беа незаинтересирани за фудбал и носеа тренери и играчи од Србија кои не можеа да просперираат низ Европа, а беа доволно квалитетни за кај нив. Заедно со Бразилците, српските интернационалци беа најбројни странци во кинескиот фудбал кои допринесоа за минимален напредок.
Кога Бора Милутиновиќ успеа да ја однесе Кина на првиот Мундијал, тоа изгледаше на почеток на една нова ера, но Кина на СП 2002 доживеа дебакл и не успеа да лансира ниту еден сериозен играч.
Српските играчи и тренери и понатаму одеа на печалба во Кина, но фудбалот немаше напредок се додека некој не одлучи да инвестира сериозни пари. Првиот сензационален трансфер за почеток се сметаше оној на Бразилецот Клео кој играше за Звезда и Партизан.
Гвангжу во јануари 2011-та за него плати 4 милиони евра со што стана најскап играч во историјата на Кина. Веќе следната зима стигна шокантна вест кога најдобриот фудбалер од бразилското првенство се пресели во Кина. Се работи за Дарио Конка кој од Гвангжу доби годишна плата од 10 милиони евра и тоа веќе беше сензација.
Овој пример почнаа да го следат и други клубови зад кои стојат сериозни компании и така почна да расте конкуренцијата и пумпањето на сумите. За преодниот рок во сезоната 2012/2013 се потрошија 65 милиони евра, за 2013/2014 – 92 милиони евра, а сезоната 2014/2015 за трансфери чинеше 150 милиони евра, сума која денеска Шангај ја понуди за еден човек, а тоа е Обамејанг од Борусија Дортмунд.
РАСЧИСТУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА
После Клео и Конка пристигнаа Дрогба, Ањелка, Кеита, Кануте...Србите и потпросечните Бразилци ги заменија луксузните Африканци, но се испостави дека не го добија тоа што им беше ветено, па следеа тужби.
Тоа беше шамар за угледот и репутацијата на државата по што Кси Џипинг нареди по итно да се исчистат валканите игри во фудбалот. Во големата акција на полицијата и обвинителството удрија во темелите на корупцијата во кинескиот фудбал. Уапсија преку 30 фудбалери, 50 функционери, судии, инвеститори.
Државниот врв нареди во фудбалот да се пристапи сериозно и веднаш да се решат проблемите со местење натпревари, неисполнети договори, нелегално кладење. Тоа всушност беше почеток на еден вистински фудбалски бум. Во клубовите влегоа големи играчи со сериозни пари. Продефилираше група на неколку богати клубови кои имаат огромна финансиска моќ, за разлика од другиот дел кој е мнозинство и кои имаат пари само за просечни бразилски, српски и африкански фудбалери.
Најбогатите кинески клубови се микс на државен и приватен капитал. За милијардерите е многу поисплатливо да вложат десетици и стотици милиони евра во фудбалот и да го задржат монополот во градежниот, банкарскиот или енергетскиот сектор, отколку државата да ги фати под свое и на легитимен начин да ги тргне од најголемиот светски пазар.
Се разбира сите бизнисмени кои влегоа во фудбалот излегоа со иста изјава – дека се големи вљубеници во овој спорт. Иако некои од нив ни по една година немаат гледано натпревар на својата екипа, па дури и го немаат запознаено скапото и славно име кое го купиле. Нив им е важно да победат во дуелите со клубовите чии газди им се ривали во истите сектори каде тераат големи бизниси.
КСИ ЏИПИНГ - ЧОВЕК СО ДОЛГОРОЧНИ И ГОЛЕМИ ПЛАНОВИ И НОЌНА МОРА НА ДОНАЛД ТРАМП И ЕВРОПСКИОТ ФУДБАЛ
Планот на Кинезите е да влегуваат се поофанзивно во фудбалот, па дури и да ја освојат планетата. Кога Кинезите нешто ќе зацртаат на полето на економијата и бизнисот, тоа и го остваруваат. Во последните години кинеската економија напредуваше со брзо темпо и со тоа им стапна на жуљ на американските господари на светот. Со најмногу милијардери во светот, Кина го мина САД и ја презема улогата на економски лидер според извештајот на ММФ, а тоа беше една од главните теми на Доналд Трамп во предизборната кампања во предизборната кампања. Тој вети големи даночни стапки и царини за кинеските компании за да може да им ја сопре економската офанзива во далечниот исток.
Со оглед на тоа што фудбалот одамна не е само спорт, туку и сериозен бизнис, во планот на економскиот бум на Кина важна улога е зацртано да има и фудбалот. Претседателот Кси Џипинг е голем љубител на фудбалот и лично тој стои зад идејата на 10 годишните реформи (2015 – 2025) со кои треба да се размножува кинеската спортска економија базирана на државни и приватни инвестиции во фудбалот.
Првиот човек на Кина нареди создавање на 100.000 фудбалери, отворање на 20.000 фудбалски школи и 70.000 терени до 2020 година. Конечниот план е до 2050 година Кина да стане фудбалска сила број 1 и 50 милиони Кинези (деца и возрасни) да играат фудбал.
За да се развие основна база, покрај финансиски потребен е и спортски ветер во грб. За да се анимираат децата, да тренираат вредно и да учат за да станат гордост на нацијата како што се гимнастичарите и пинг-понг играчите, потребно е купување на фудбалски ѕвезди. Кина во многу работи е меѓу глобалните лидери и мисли дека може да стане и во фудбалот. Но традицијата, талентот и фудбалската култура не се купуваат, па мораат да удрат офанзивно и мегаломански.
Кинезите сакаат фудбал и спремни се да платат за такво задоволство и со оглед на тоа колку луѓе се, не е ни чудно што оваа далечна земја е рудник за маркетингот на клубови како Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Барселона, Ливерпул, Милан...На пример Интер има помалку од 4 милиони навивачи во Италија, а тие не можат на клубот да му донесат заработка како што можат 10 милиони навивачи на Интер од Кина кои никнат како печурки.