Пишува: Таки Бошкоски
Ете...дојде и тој ден! Од кога на 13 Мај ја освоивме титулата во Кратово, го чекам денешниот ден. Од 2007ма немаме изиграно европска утакмица, а пак за Лига на Шампиони кога ќе се потсетам на она лето 2003та мислам дека е некој сон, и дека уствари ништо од тоа се нема случено...Све како низ магла. Многу вода протече низ Вардар од тогаш.
Ете баш затоа денеска сум напален како средношколец пред искачање у петок. Оваква трема искрено немам осетено од 94та и онаа легендарна утакмица на скопски плус 35 во осум навечер против Бекешчаба кога Гого Јовчев им поклони гол на Маџарите. Целата атмосфера денеска некако ме потсеќа на тој ден. Тогаш првпат игравме европски куп како македонски претставник за денеска после мачни 9 години, како препореден феникс пак да се појавиме на истата таа сцена. Повторно цел град бруи за Вардар и сите некако со нетрпение очекуваат да видат како црвено црните ќе се справат со големиот предизвик.
Точно во 6 по македонско време Вардар ќе тргне во својата европска авантура. Ќе му излезе на мегдан на клуб кој финансиски, организациски и играчки е далеку помоќен од нас. Само не заборавајте: дефетизмот во македонскиот спорт е далечно минато...Пред две години може и ќе се помирев со лоша жрепка, ама после кошаркарите и ракометарите, гледајќи како далеку посилни клечат пред нашите момци, таквиот однос не само што не го прифаќам туку одлучно го отфрлам. А така и тргнаа нашите момци на пут. Дрско, безобразно...како што им доликува на победници. Бате може има милиони и скапи играчи, ама го нема комитското срце што ја краси оваа генерација на наши фудбалери.
Што и да правите денеска гледајте да завршите до 6...Сетете се на деновите кога со нетрпение ја чекавте секоја утакмица на Вардар. Сетете се на деновите кога бегавте од школо да го гледате Вардар...ах колку само неоправдани се на грбот на црвено црната боја...Ако сте постари сетете се на Данфермлајн...сетете се на Данди Јунајтед, Динамо Букурешт, Порто. Сетете се само на оној невероватен поглед на западната трибина на утакмицат против Бордо и атмосферата на тој пороен дожд. Сетете се на Дарко Панчев, Илија Најдоски, Тони Савески, Цапар, Чеде Јаневски, Васил Рингов. Сетете се на двете утакмици со Легија Варшава во 99та кога бевме прегазени со вкупни 9:0. Потсетете се и на онаа генерација што го освои Купот на Маршалот Тито против Вартекс на ЈНА далечната 61ва. Тоа беше и првиот меѓународен успех на Вардар..И на крај сетете се на ЦСКА Москва...Само како доказ дека чуда се случуваат. Како доказ дека Давид може да го легне Голијат.
Седнете пред телевизор, испратете ги жената и децата кај бабите и застанете позади Вардар. Тој клуб денеска е симбол на македонскиот непокор. Уствари не!!! децата нека останат со вас, пошто на нив треба да им ја всадите љубовта кон нашиот клуб. Клубот кој денеска се враќа таму каде што припаѓа. На европска сцена. 5 години чекавме да го развиориме црвено црното знаме над Европа. Овојпат нека остане...Засекогаш.
Ако денеска не сте од тие што навиваат за Вардар, не се секирајте. Сигурен сум дека вашите татковци и дедовци ќе го направат тоа за вас...
Напред Вардар!!!