Марио е роден на 12 август 1990-та година во Палермо, а неговите родители Томас и Роуз Барвуа биле сиромашни емигранти од Гана. Уште како дете тој имал големи здравствени проблеми, а докторите се плашеле дека Марио можеби нема да преживее.
По една година лекување, неговата здравствена состојба се подобрила во 1992-та година и неговата фамилија се преселила во Бреша. На почетокот тие делеле мал стан заедно со уште едно семејство од Африка и морале да побараат социјална помош за малиот Марио кој штотуку се опоравил од операциите.
Социјалните работници предложиле тригодишниот Марио да биде даден на издржување во семејството Балотели. Франческо и Силвија Балотели живееле во голема куќа во малото градче Кончезио близу Бреша и му понудиле на малиот Марио живот за кој Томас и Роуз Барвуа можеле само да сонуваат.
Фудбалската игра ја засакал уште како дете, а со 15 години дебитирал за третолигашот Лумецане. По само два одиграни натпревари тој добил покана од Барселона во 2006-та година, но по три одиграни натпревари за младинскиот тим тој не ги задоволил нивните очекувања.
Во 2007-та година тој потпиша за Интер, а тренерот Роберто Манчини веднаш го воведе во првиот тим. Новиот тренер Жозе Мурињо го суспендираше проблематичниот Балотели во 2009-та година, а големите проблеми за контроверзниот фудбалер започнаа во 2010-та година кога тој во едно ТВ шоу се појави во дресот на градскиот ривал Милан.
Човекот кој се смета за негов фудбалски татко, Роберто Манчини го доведе во Манчестер Сити каде тој продолжи да прави проблеми. Но и покрај тоа што многу пати го разочаруваше, Манчини никогаш не се откажа од него. Во него веруваше и селекторот Чезаре Прандели, а тој им возврати на најдобар можен начин.
Во моментите кога започна неговата слава, а Марио се уште не беше полнолетен, неговите биолошки родители побараа да се врати во нивното семејство, но тој ги обвини дека тие се заинтересирано само за пари.
Тој за негови родители ги смета Франческо и Силвија и головите кои ги постигна против Германија и ги посвети на госпоѓата Балотели која беше на трибините во Варшава.
„Мојата мајка беше на трибините, а мојот татко гледаше на телевизија. Дадов два гола пред мајма ми и сакам да дадам четири на финалето во Киев пред мојот татко. По натпреварот отидов кај мајка ми и и реков „овие голови се за тебе". Долго чекав за овој момент и сакав да ја усреќам мајка ми. Ова е најубавиот ден во мојот живот", изјави Балотели.