После 13 години Леси се враќа дома

Напаѓачот на англиската репрезентација е во спортскиот центар на Евертон каде после медицинските тестови би требало да потпише договор со клубот кој го пушти во етерот на 16 години.

Тринаесет години подоцна, патиштата на Вејн Руни и Евертон повторно се вкрстија: центарфорот на 16 години дебитираше во Премиер лигата, даде неколку прекрасни голови за „Карамелите“ а во летото 2004 премина во Манчестер Јунајтед за 20 милиони фунти.

На „Олд Трафорд“ Руни стана еден од најсилните напаѓачи во историјата на Премиер лигата: 253 гола на 559 меча.

„Сакам да играм повеќе, нормално е. Во следните недели ќе зборувам со семејството и ќе одлучам што ќе правам“, изјави Руни по успехот на Јунајтед во Лига Европа. А сега одлуката е донесена.

Вејн Руни за Евертон во младоста постигна 15 гола на 71 меч. За тоа колку го сака клубот каде што фудбалски созреа зборува и фактот дека прифатил 50% пониска плата. Во спротивен правец од Евертон во Јунајтед заминува Ромелу Лукаку за 75 милиони фунти (околу 85 милиони евра).

Руни кој има 31 година притоа ги одбил кинеските милиони за да се врати меѓу Toffees.

Дали Руни ќе биде добро засилување за Евертон?

АРГУМЕНТИ ЗА:

Невозможно е да се игнорира сентименталната нота на преминот. Руни е дете од Крокстет коешто дошло во локалниот Евертон на 9 години. Замина во Јунајтед, навивачите не му го простуваа тоа, но поминаа 13 години и сега околностите се други. Годините го сменија Руни како играч, но квалитетот и лукавоста уште се тука. Дури и со никаква минутажа минатата сезона за Манчестер учествувше со 8 гола и 10 асистенции на 39 настапи.

Ромелу Лукаку беше прв стрелец за Евертон со 25 гола минатата сезона, но ниеден друг во тимот не даде повеќе од пет гола, така што на Куман очајно му требал напаѓач. Искуството на Руни е исто многу важно затоа што Евертон летово купи четворица играчи под 24 години. Ќе им биде ментор на Том Дејвис, Адемола Лукман и Доминик Калверт-Левин.

АРГУМЕНТИ ПРОТИВ

Кога Вејн го напушти Евертон тој беше чудо на природата со експлозивен шут и неверојатна снага, но 13 години подоцна делува дека неговото време помина. Неговата физичка индиспонираност го чинеше место во Јунајтед и кај селекторот Герет Саутгејт. Можеше ли Евертон парите потрошени за Руни да ги даде за некој млад, подинамичен шпиц? Проблем за Вејн би можело да биде и тоа што Куман инсистира на висок пресинг од неговите напаѓачи кои мора интензивно да ја ’бркаат’ противничката одбрана. Колку тоа ќе може Руни да го прави?