Историјата покажува дека не можат повеќе никогаш да бидат заедно под исто знаме. Ниту на исти фудбалски терен, место каде на виделина излегуваат национализмите. Но ако фудбалот е игра, пред сè, може користиме и малку фантазија. Како база да ја земеме Хрватска, најсилната од шесте земји родени во поранешна Југославија и да ги замислиме головите на Џеко и креативноста на Пјаниќ, момци од БиХ. Потоа брзината на Баста и шутевите на Љаиќ, синови на Србија. Тука се и искуството на Пандев од Македонија, Јоветиќ од Црна Гора, рацете на гигантот Ханданович од Словенија. Нели ова би било екипиште?
Ако сите сега беа заедно: Срби, Босанци, Хрвати, Македонци, Црногорци и Словенци, кај нас во Италија ќе беа партија со мнозинство или најголема странска колонија во нашето фудбалско првенство. Од 296 играчи во Серија А родени во странство, контингентот од поранешна Југославија има најмногу играчи, вкупно 47. Потоа се Бразил со 40 и Аргентина со 33, кои доаѓаат од фудбалски земји, полни со таленти неприкосновени во дриблинзи и атрактивна игра.
Тенденцијата во лето е многу јасна. Секогаш одиме да пазариме играчи по должината на Адријатикот во регион кој едно време се викаше Југославија. Во Серија А летово дојдоа Аргентинецот Вадала во Јуве како дел од зделката со Тевез и пет Бразилци. Касани во Палермо, Фернандо во Сампдорија, Жилберто во Фиренца, Валас кој се врати во Карпи и Винк во Верона.
Новите Словени пак се осум. Џеко и Круниќ од БиХ, Манџукиќ од Хрватска, Пандев (кам бек) и Трајковски од Македонија, Јоветиќ (кам бек) од Црна Гора, Милинковиќ и Лазовиќ од Србија, додека контингентот од Словенија остана исти.
„Реалноста е дека кои купува од кај нас, зборувам за играчите од поранешна Југославија, знае дека оди на сигурно. Потоа исто така се важни и парите. Просечните играчи кои може да играат во Италија чинат половина помалку од Италијанците. Се работи за флексибилни момци кои брзо се адаптираат и кои брзо учат јазици. Пјаниќ на пример зборува шест“, вели Марко Налетилиќ, хрватски менаџер и експерт за тој пазар.
Многу од нив се израснати во странство, како на пример во Швајцарија и Германија. Хрватска има најсилна селекција, БиХ имаше брз развој и лани за прв пат играше на Светско првенство. Што се однесува до клубовите, најголемите трансфери ги прави Динамо Загреб од каде Модриќ замина во Тотенхем за 22 милиони евра. Следен трансфер ќе биде Марко Пјача 95-то годиште. За него се информираат Милан, Јуве и Рома.