Секој макар скромен познавач на состојбите во фудбалска Европа е свесен за фактот дека Америка во моментов има неверојатно талентирана генерација која конечно би можела да направи нешто повеќе.
Од пред неколку сезони, кога германските бундеслигаши станаа Мека за американски таленти, речиси секој месец излегува по некое име кое блеска во својот европски клуб.
Америка скоро и да не памти кога имала така раскошен состав кој се очекува да блесне на Мундијалот 2022 во Катар и подоцна 2026 на домашно тло (поточно Светско во САД, Канада и Мексико).
Оние со добра меморија сигурно го паметат Светското 1994, можеби најубаво во историјата кога американсата селекција со Тони Мелоа, Ерик Вајналд, Ерни Стјуарт, Томас Дули, селекторот Бора Милутиновиќ од Србија и најпознатиот меѓу нив Алекси Лалас одигра сосема коректно.
Но тие фудбалери немаа никаква допирна точка со големите европски клубови. Сега веќе е понаку.
Кога ќе се види кои играчи денес го носат дресот на САД, претпоставката дека во најскоро време ќе блеснат на светска сцена е реална.
Кристијан Пулишиќ (22) игра одлично во Челси. Џовани Рејна (18) од викенд во викенд прави бравури во Борусија Дортмунд. Навивачите на Јувентус веќе се вљубени во Венстон Мекени (22) кој практично сам ја победи Барселона во Лига на шампиони на „Камп Ноу“. Тука се уште и бисерите: Сержињо Дест (22) Барселона, Крис Ричардс (20) од Баерн Минхен, Тајлер Адамс (21) од Лајпциг, Метју Хопи (19) од Шалке, Зек Стифен (25) од Манчестер Сити, Тимоти Веа (20) од Лил, Марк Мекензи (21) од Генк, Ричард Ледезма (20) од Псв Ајндховен, Николас Џоаини (20) од Каен, Реџи Кенон (22) од Боависта, Конрад де ла Фунете (19) во Барселона, Јунус Муса (18) во Валенсија, Брајан Рејнолдс (19) наскоро доаѓа во Јувентус итн...
ВЕЌЕ ПОСТАВУВААТ РЕКОРДИ И РАСТАТ ВО ГОЛЕМИ ЅВЕЗДИ
Американците веќе запишаа нови национални достигнувања. Првпат во нивната фудбалска историја, дури 9 Американци играа во групна фаза на Лига на шампиони (одиграа околу 1.758 минути). И тоа не за кој било клуб, туку за Барселона, Јувентус, Ман. Сити, Челси, Баерн Минхен, Лајпциг.
Во годината за заборав 2020, САД одигра само четири меча на кои продефелираа дури 42 репрезентативци, ист број како на 18 дуели во 2019.
Од сите нив: дури 7 се од Бундеслига, 5 од Премиер лига, по 2 од Ла Лига, Ередивизија и Про Лига, и по 1 од Серија А и француската Лига 1.
Речиси 30 американски репрезентативци би можеле да играат летово на ЛОИ во Токио со цел генерална проба пред Мундијалот во Катар.
КЛИНСМАН ГИ ПРАЌАЛ ЗА ГЕРМАНИЈА НА ДОШКОЛУВАЊЕ И АМЕРИКА ДОБИ МНОГУ
Селектор на САД е Грег Берхалтер кој 13 години трчал по топката во Европа.
Интересно, скоро цела денешна репрезентација на Америка е составена од фудбалери кои претходно играле заедно на младински Светски првенства за играчи до 17 и до 20 години.
Јирген Клинсман, легендарниот Германец немаше голем успех како селектор на САД, но токму тој е човекот кој лично ги убедувал младите бисери да пакуваат куфери и правец Германија на фудбалско дошколување.
Има дел и во тоа што голем процент на децата на американските војници кои служат во контингентот во Германија, остануваат на европско тло да тренираат фудбал затоа што гледаат перспектива.
Во Бундеслига има права револуција од американски таленти кои играат со голем успех.