Пред една недела, пред првиот меч во Скопје, стручниот штаб на Динамо го засилил Марко Мариќ (33), кој ќе ја има улогата на преведувач и помошник тренер на Златко Крањчар.
Марко на времето бил надарен играч од средниот ред, капитен на кадетската и јуниорската генерација на Динамо, но никогаш не добил шанса во првиот тим кај тренерите Лончаревиќ и Блажевиќ, поради што заминал од Крањчевичевата улица. Фудбалскиот пат од Загреб до одвел во Грција (играл за Егалео), Франција (Лил) и САД (Чикаго Фајр). Поради тешка повреда (скршеница на зглобот) пред две години престанал активно да игра фудбал и започнал тренерска кариера.
„Сакав да останам во фудбалот, а Златко Крањчар ме викна со него во Катар за да му помогнам околу комуникацијата. Прифатив и останав со него таму до крај. Уживав работејќи со Крањчар. Се вратив во Загреб и запишав тренерска Академија во ХНС. Крањчар пред неколку дена пак ме викна да дојдам во стручниот штаб на Динамо, а тоа не се одбива“, вели Мариќ за Вечерњи.
Најголема предност на Мариќ му е познавањето на четири јазици - англиски, француски, грчки и словачки а одлично се служи и со германски поради што го викаат да им помага со странските играчи.
„Ги научив јазиците во земјите во кои играв. Ме интересираше тоа и релативно брзо ги совладав. Словачки знам од дружбите со капитенот на Словачка Роберт Витек со кого играв во Лил и останавме семејни пријатели. Доаѓаат овде на море, јас одам во Братислава“, додава помошникот тренер во Динамо.
На прашањето дали сега се решени сите јазични бариери во соблекувалната на интернационалниот Динамо, тој вели:
„Па готово сите проблеми се решени. Останаа уште Жуниор Фернандез и Жонас кои зборуваат само португалски“, вели Мариќ кој не може да сфати како Жуниор е три сезони во Динамо а не се потрудил да научи ни збор хрватски, ни англиски. Во клубот мора да припазат на тоа, затоа што се работи за најдобро платениот играч на Динамо“.
Мариќ е познат и како загрепскиот крал на вафлите. Во центарот на градот тој пред пет години отворил „Куќа на вафлите“ и продава оригинални белгиски вафли по посебна рецептура.
„Лил е близу Белгија и ги обожавав тие вафли кога играв таму. Дојдов на идеја да ги продавам во Загреб, го запознав сопственикот на најголемата компанија за вафли во Белгија и тргнав со работа. Словакот Витек отвори во Братислава, а јас во Загреб и за сега сум задоволен од таа работа“, раскажува вечерашниот противник на Вардар.
Во кариерата стекнал многу познанства.
„Во редовен контакт сум со Бразилецот Мишел Бастос, го посетив во Бразил и со Холанѓанецот Патрик Клајверт кој ја заврши кариерата во Лил“, заклучува Марко Мариќ кој вечерва ќе го видиме на клупата на Динамо.
Тренерот Цицо Крањчар во својот стручен штаб има 16 луѓе. Прв помошник му е Маријан Влак а останати помошници му се Жељко Сопиќ, Марко Мариќ и тренерот на голманите Силвије Чавлина.
Дуелот Динамо Загреб - Вардар (2:1) се игра вечерва од 20:45 на Максимир.