Трамп има погубно сценарио за Африка ако не му даде ретки минерали

САД ѝ се закануваат на Замбија дека ќе ја замрзнат помошта oд 115 милиони долари за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза ако не ги отстапи своите рудни богатства на американски бизниси. Ултиматимот за Замбија треба да послужи како пример за сите африкански земји да се откажат од Кина како главен партнер во зделките за експлоатација на ретки минерали.

Ќе ги обезбедиме нашите приоритети во Африка само ако покажеме подготвеност да ѝ ја одземеме поддршката од Замбија, пишува во меморандум на Стејт департментот.

Запирањето на здравствената помош е наведено во меморандумот како еден од начините да се зголеми притисокот врз Замбија да го потпише договорот со кој ќе ги отстапи своите критични минерали на бизниси од САД.

Околу 1,3 милиони луѓе во Замбија се потпираат на дневен третман за ХИВ што се обезбедува преку долгорочниот План за итни случаи за помош при СИДА (ПЕПФАР). Помошта опфаќа и доставување лекови за туберкулоза и маларија, кои секоја година спасуваат десетици илјади животи во Замбија.

Во меморандумот се предвидува таа помош „значително“ да биде намалена веќе од мај, ако до тогаш владата на Замбија не го потпише договорот за соработка. 

Досега 24 земји потпишаа слични договори со кои се обврзуваат да исполнат одредени услови за да го задржат пристапот до здравствена помош во вкупна вредност од 20 милијарди долари во текот на пет години. Во повеќето случаи, главниот услов за африканските влади е да се обврзат да ги зголемат сопствените трошоци за здравство.

Повеќето земји потпишаа, но владата на Зимбабве неодамна се откажа од преговорите, со тврдење дека барањата за споделување податоци и биолошки примероци се „неприфатливо кршење на суверенитетот“. Активисти во Кенија го обжалија договорот пред судовите.

Замбија е особено интересна за САД, бидејќи е еден од најголемите светски производители на бакар во светот, а исто така има огромни резерви на ретки минерали како литиум и кобалт.

Нацрт-верзијата на понудената здравствена помош предвидува САД да ѝ дадат на Замбија 1 милијарда долари финансирање за здравство во текот на пет години, ако Замбија издвои 340 милиони долари за нови сопствени трошоци за здравство. За возврат, од Замбија се бара да се обврзе да им даде на американските бизниси поголем пристап до огромните наоѓалишта на минерали и да го укине „преференцијалниот пристап на Кина до рудниците во Замбија“.

Замбија е еден од најголемите приматели на помош од ПЕПФАР - повеќе од 6 милијарди долари - во последните две децении. Кога започна помошта, за време на администрацијата на Џорџ В. Буш, околу 90.000 луѓе во Замбија секоја година умираа од ХИВ.

19 март 2026 - 13:14