Во одамна загубените квалификации за Мундијалот во Бразил каде од нашата А група ќе патуваат Белгија и Хрватска, избраниците на Чедомир Јаневски имаат можност барем да го поправат пласманот кој на секој квалификациски циклус го завршуваме на едно од четвртата и петтата позиција.
Нашите фудбалери треба повторно да одиграат натпревар без никакви стеги кој е исклучително важен за одржување на позитивната атмосфера во тимот по триумфот над Велс, но и да се простат со победа од својата публика пред која го играат последниот меч во овие квалификации.
Против Шкотска до сега нашата селекција одигра доста солидни мечеви. Во второто коло во овој циклус бевме подобар противник во Глазгов и први поведовме со голот на Николче Новевски, но на крајот беше 1:1. На квалификациите за Светското првенство 2010 година, во Скопје беше 1:0 за Македонија, а на гостувањето Шкотска ни возврати со 2:0.
Победа вечерва против Шкотска, а истовремено реми или пораз на Србија во Велс, за нас ќе значи искачување на третата позиција. Со Велс имаме натпревар помалку, за разлика од другите репрезентации кој го играме следниот месец, а во последното коло следи гостување на „Маракана" против Србија.
Хендикеп за нашиот селектор ќе биде отсуството на Агим Ибраими кој нема право на настап поради два жолти картони, а ситните повреди на Пандев и Пачовски да се надеваме дека нашиот лекарски тим ќе ги санира за вечерашниот настап.
Со сериозен пристап на сите три мечеви и дисциплинирана игра, составот на Јаневски може да го оствари тоа трето до сега недостижно место, кое би ни донело поголем престиж и поголема самодоверба за во иднина.
Националната арена „Филип Втори" повторно ќе ја красат Шкотските навивачи со своите традиционални килтови. Дојдени се околу 1000, а вчера беа во посета на СОС Детското село каде донираа 2000 фунти, а потоа се дружеа со македонски навивачи.