Шампионскиот пехар и титулата ја брани Аргентина со најголемиот Лионел Меси кој со Кристијано Роналдо ќе играат на рекордно шесто Светско првенство! Капитенот на „гаучосите“ е и рекордер по бројот на настапи со 26 натпревари.
Рекордно шесто Светско првенство ќе игра и неверојатниот Кристијано Роналдо но и ветеранот на голот на Мексико Гиљермо „Меме“ Очоа.
Натпреварите ќе се играат во 11 градови во САД, три во Мексико и два града во Канада.
Ова ќе биде 23. издание на ФИФА Светско првенство.
Рекордер е Бразил со дури 5 светски шампионски титули а следат Германија со четири, Аргентина со три пехари, Франција и Уругвај со два, Англија и Шпанија со по 1 пехар.
Ова ќе биде прво Светско првенство со дури 48 селекции наместо досегашните 32. Проширен Мундијал со многу дебитанти: Зеленортски острови, Курасао, Јордан и Узбекистан.
Групната фаза ќе се игра од 11-ти до 27-ми јуни. Сите учесници се поделени во 12 групи со по четири селекции (групи од А до Л), а репрезентациите во секоја група играат едни против други, секој против секого.
Двете најдобри репрезентации со осум најдобри третопласирани селекции од сите групи ќе се пласира во нокаут фазата. Во случај две или повеќе репрезентации во групата да имаат еднаков број бодови, тогаш прво се гледа меѓусебниот учинок, се основа мини-табела меѓу тие репрезентации и понатаму оди селекцијата која има подобар меѓусебен учинок.
Интересно, од вкупно 1.248 фудбалери, точно 357 претходно играле на макар едно Светско првенство. 22 успеале да освојат Мундијал а дури 891 играч за првпат ќе го оствари својот сон да настапи на едно Светско првенство.
Највозрасен фудбалер ќе биде шкотскиот резервен голман Крејг Гордон со 43 години и 162 дена а најмлад играч ќе биде мексиканското чудо Хилберто Мора со само 17 години и 240 дена.
Лионел Меси на 24. јуни ќе полни 39 години а во петта деценија влегоа: Крејг Гордон (43, Шкотска), Кристијано Роналдо (41, Португалија), Гиљермо Очоа (40, Мексико), Лука Модриќ (40, Хрватска), Един Џеко (40, Босна и Херцеговина), Мануел Нојер (40, Германија) и Хозимар Возиња (40, Зеленортски острови).
На Мундијалот ќе има и 22 фудбалери помлади од 20 години а само Мексиканецот Хилберто Мора сè уште не е полнолетен.