Почетоците на Пандев и првото пионерско финале

Горан и другарите биле страв и трепет во пионерска категорија и сезоната ја завршиле со 26 од 26 и импресивна гол разлика 130:11. Следната сезона како кадети ја освоиле двојната круна и тоа со победи против Слога и Вардар во Скопје. Историја најдобро позната во Струмица.

Генерацијата предводена од капитенот Горан Пандев во која беа уште: Илија Матеничаров (тренер), Ангел Грозданов, Иле Митров, Ѕвонко Василев, Зоран Балдовалиев, Пепи Божијанов, Аце Стојанов, Борче Стојков, Дејан Шарлмаланов, Томе Пандев, Зоран Танчев, Александар Крстев, Бранко Митров, Аце Стојков, Дени Коцев, Дени Масев, Игор Георгиев и Јован Марковиќ и денеска се дел од носталгичните чаршиски струмички фудбалски мубети. Беласица во тоа време навистина играше фудбал за душа.

Нивниот огромен потенцијал беше потврден низ напреварите од првенството на источниот регион во пионерското првенство. Во конкуренција на 14 екипи на 26 натпревари Беласица имаше исто толку победи. 78-те бодови беа надополнети со импресивна гол разлика 130:11. Голем број од победите беа изразени со двоцифрена разлика. Тиверија беше прегазена со 21:0 и тоа е една од најубедливите победи во историјата на македонскиот фудбалот кога станува збор за помладите категории. Најдобар стрелец на тимот беше Аце Стојков со 70 голови. Ваквата импресивна серија беше прекината дури во финалната средба со Вардар во која „црвено-црните“ на два пати славеа со 2:0.

Сепак овие момчиња ќе останат запишани како први победници на македонскиот куп во пионерска конкуренција. Незаборавното финале со Тетекс на стадионот „Младост“ во Струмица го следеа 1000 гледачи. Приказната околу победникот во тоа финале беше завршена за 20 минути, кога Беласица со головите на Горан Пандев во 2. и 20. и на Аце Стојков во 13. минута стигна до убедлива победа. Во врска со ова победа Стојков ни раскажа интресна анегдота дека по полуфиналната средба со тимот на ССК Драчево од 2:0 ветил дека пред финалето ќе се ошиша „нуларица“ и истото го исполнил.

Во 1999 година во кадетска конкуренција речиси во идентичен состав екипата стигна до двојна круна. Прво на Чаир беше подобра од Слога Југомагнет со 3:5 (0:2), а во првенството против Вардар со 6:5 на пенали во Скопје. Двата натревари завршија со идентични 1:0. Претходно големиот ривал од Скопје беше убедливо совладан и во полуфиналето на купот со 3:0. Пандев даде два гола во 18. и 22. минута. По што минималната предност на Вардар беше анулирана уште во раната фаза од средбата. Иако времето беше дождливо, а теренот лизгав, „дождливиот танц“ го следеа повеќе од 1.000 гледачи.

-За резултатите и успешноста на оваа генерација, според моето мислење значајни се три фактори. Првиот педагошкиот и правилен однос кон децата. Вториот квалитетната континуирана работа и третиот правилната селекција, изјави тренерот Матеничаров за најталентиранта генерација на струмичкиот фудбал по незаборавното финале во Чаир.

Илија Матеничаров е роден на 23.09.1969 година. Со само 16 години како дел од најталентирнаните фудбалери е приклучен на сениорскиот тим. Од 1986 година е првотимец. Во 1991 година по една непријатна повреда на коленото става крај на неговата кариера. За од 1993 година да започне тренерска кариера. Со помош на Панче Панзиев, тогашен тренер на млaдите категории почнува да работи со генeрацијата 1983 година. Со дел од нив Гоче, Стојков, Попов, Масев и Тони Пандев ги поминува сите старосни кaтегории и стигнува до сениорската екипа. Уште од самите почетоци сака да учи и да се надоградува. Преку разговори со сите што имат допирни точки со фудбалот: фудбалери, спортски работници, тренери стигнува до едно респектабилно ниво.

Дел од неговата спортска филозофија е посебната работа, со цел поединец да напредне на психолошки и техничко-тактички план. Секогаш е сталожен и мирен. Настанатите проблеми ги решава со договор, анализа, без непотребна тензија и нервоза. Прв во Македонија воведува анализа на натпреварите преку видео материјал. По неколку годишно усовршување, на почетокот на новиот милениум успева да направи вистински фудбалски бум. Секогаш исфрла нови имиња, а оние што се во сенка има храброст да ги уфрли во преден план.

ВИЈАРЕЏО КУП 2001

Во 2001 година „кенгурчињата“ играат на еден од најсилните турнири во младинска категорија. Станува збор за „53 Копа Карневале“ во Вијареџо и тоа во конкуренција на 40 квалитетни младински тимови. Беласица е во група со екипите на Куелмас (Аргентина), Перуџа и Бари. Куелмас на првиот натревар ни даде четри гола, но во својата мрежа „архивираше“ три и тоа од Гоче, Георгиев и Аце. Веќе по вториот натревар претседателот Таковски во хотелот „ Перла Де Маре“ пие кафе со италијанската икона Стефано Браске и неговиот адвокат. Во негов стил коментираше. „Вие мислите дека ние во Македонија не знеме што е мафија. Затоа нашите голгетери ќе одат во Шпанија, а не во Гранде мафија. Браске симпатично се смешкаше, а неговиот адвокат на шега кажа дека ќе ги киднапира пасошите на нашите фудбалери.

Пред последниот натревар со Бари вистинска „менаџерска инвазија“. Средбата заврши 2-2, а нашиот дијамант беше стрелец на два погодоци. Во 61 минута, одличната акција со голем број прецизни и кратки проигрувања. Ацијата започна од Стојков, ја продолжи Балдовалиев, а Пандев од десет метри го совлада Спадевекоја. Слично сценарио и во 75 минута. Овој пат Стојков од левата страна помина двајца, а Пандев беше стрелец на речиси идентичен погодок. Средбата беше непотребно продолжена пет минути, кога домашните постигнаа израмнувачки погодок. Инспирираниот Пандев се најде во тефтерот на Браски, но и во оние на легендарниот ас Роберто Бетега, хрватот Марковиќ, анонимниот менаџер на Верона и на двајца менаџери од Штутгарт со „наша врска“.

ОД ВТОРА ЛИГА ВО ФУДБАЛСКА ЕВРОПА

Изјавата на Ванчо Таковски дека Беласица по само една година во првата лига ќе игра во фудбалска Европа, беше проследена со иронична насмевка од страна на љубителите на фудбалот. Екипата беше „тазе“ влезена од втората лига и со оглед на на нивната младост и недоволното прволигашко искуство делуваше и повеќе од оптимистички. За само 18 месеци оваа екипа од бездната стигна до супериорно враќање во првата лига. За веќе во првата прволигашка сезона „струмичкиот Нотингем“ да биде вистински хит и да обезбеди пласман во фудбалска Европа. Беласица имаше визија за европски ориентирана екипа, слично на Нотингем Форест. Тимот што во осумдесетите, по само три години го помина патот од втората англиска лига до титулите во Премиер лигата и европски шампион.

По само неколку кола се потврди дека ваквиот оптимизам има здрава основа. Одличната полусезона го најави „торпедото“ и победата во Кавадарци од 0:6. Потоа настрада Шкендија ХБ, а по ремито од 1:1 на Градски беше јасно дека започнува фудбалската еуфорија кава што знае да има само во Струмица. Следната недела пред 8000 гледачи, Беласица е поразена од Вардар со 0:1, а теренот поради инциндент суспендиран. Управата на тимот решава следната средба со Пелистер да ја игра како домаќин во Делчево и греши. Струмичани во возбудлива средба се поразни, а критичарите велат дека нивното тврдење дека тимот нема сила за врвни дострели се покажа како точно. Но, така не мисли струмичкиот Капело. Без повредените Пандев (оштетени лигаменти) и Стојков (скината тетива) со голем број на рокади влегува во серија на победи, која е крунисана во последното коло со победата со бранителот на двојната круна Слога Југомагнет среде Чаир. Со 26 бода (8 победи, 2 нерешени и 3 порази) заврши на четврто место, веднаш зад Вардар, Слога Југомагнет и Силекс. Прв стрелец на екипата е Аце Стојков со 5 гола. Гоче и Колешинац имат по четири. Беласица постигнала 26, а примила двојно помалку голови само 13. Натреварите ги следеле 29.000 гледачи или во просек 4.,833 по натревар (најмногу со Вардар 8000). Најголема минутажа имал младиот Попов со вкупно 1115 минути поминати на терен.

ИНТEР- ПРОБА

На подготвките на националниот тим, претседателот на Беласица и член на Управниот Одбор на Фудбалската Федерација, Ванчо Таковски му соопштува на Гоче дека набргу заедно со Стојков треба да замине на проба во големиот Интер. Првиот контакт со тренерот Барези и соиграчите е во тренинг центарот „Абиано Џентиле“ - одалечен 40 километри од Милано. Прекрасен спортски комплекс со седум терени каде подготовките ги имале првиот и младинскиот тим на Интер. Според зборовите на нашите фудбалери спортски комплекс од кој што навистина „боли глава“ имал: ресторан, хотел, теретана, базен, амбуланта. Покрај 20 италијански фудбалери и нашите интернационалци во младинскиот ростер имало уште двајца французи. Проблемот бил само да се разбере што тренерите барале од нашите фудбалери. Но тоа било надополнето со помош на пантомима.

Во пробниот натревар и победата од 12-0 со Бормио, Пандев дал два, а Стојков еден гол. Со ова македонците покажуваат дека во иднина тренерот Џузепе Барези може сериозно да смета на нив. За осум дена беа поминати три подготвителни фази во забрзан ритам. Покрај големиот број на тренери од Интер ова средба ја следат и првотимците Роналдо и голманот Фрај. Првиот впечаток за двајцата наши фудбалери беше дека Интер е задоволен од нивните можности, но не и од прегледноста на играта. По добивањето на визата тие двајца се враќаат во Милано каде заедно со екипата гостуваа на турнир Анкона, каде покрај Интерт Б играа Салернитана и Палермо.

Виа

16 јуни 2021 - 13:41