Пријателскиот натпревар против 111 селекцијата рангирана според ФИФА не донесе голем интерес за македонската публика која на стадионот „Филип Втори“ дојде во мала бројка за да го проследни првиот натпревар на националниот тим предводен од Бошко Ѓуровски.
Македонија се наметна како фаворит на овој дуел и со неколку падови во играта го држеше под контрола мечот. Во првите 20 минути од средбата нашите репрезентативци не успеваа да изградат сериозни шанси за да го отворат резултатот, па од далечина се обидоа да изненадат најпрвин Ибраими, а потоа и Тричковски.
Првата посериозна шанса се случи во 22 минута кога Јован Костовски се обиде на атрактивен начин да ја затресе мрежата. Најпрвин со ножички, а веднаш потоа и со петица. Трпеливата игра со долго акции вроди со плод во 30 минута кога по асистенцијата на Тричковски од десно, Костовски влезе во петерецот и ја затресе мрежата.
До крајот на првиот дел нашите фудбалери преку Тричковски пропуштија уште две прилики за зголемување на водството. Најпрвин во 37 минута кога нашиот интернационалец се вплетка пред голот, а потоа и во 42 минута преку неискористениот контра напад.
Настаните во вториот дел не тргнаа според планот на Ѓуровски. При една акција на гостите во 65 минута стигна студен туш за нашата селекција откако Даниел Георгиевски реагираше несмасно во шеснаесетникот и си постигна комичен автогол.
Веднаш во израмнувањето гостите имаа можност и за целосен пресврт на „Филип Втори“ но по брзиот контра напад шутираа покрај голот. За среќа на нашиот бек кој сезонава два пати си постигна автогол и за својот тим Динамо Букурешт во ЛШ, нашата селекција се врати во водство по само 6 минути игра.
Стрелец на победничкиот гол кој ги постави конечните 2:1 беше Агим Ибраими од пенал, откако токму Георгиевски беше соборен во шеснаесетникот на Летонците. Во последните 20 минути се играше поотворен фудбал и на двете страни, но без некои сериозни шанси за нов погодок.