Писмото со кое Тоти го расплака Рим

Со помош на жена му Илари, Франческо Тоти напиша писмо со кое ги стопи срцата на 80.000 навивачи на Рома кои го слушаа и плачеа додека го чита. Рече дека ако не успее ќе го дочита ќерка му, но капитенот издржа машки 12 минути, можеби најтешките во неговиот живот.

Ех, шшш...Лесно е за вас!

Тука сме. Дојде моментот. Можете да ме чуете? Личи како на концерт.

Штета, дојде моментот, иако се надевав дека никогаш нема да дојде.

Овие денови прочитав многу работи за мене: добри, убави работи. Плачев многу, секој ден, сам како лудак. Бидејќи 25 години нема да бидат заборавени, со вас зад мојот грб кои ми помогнавте и во добри и во лоши моменти.

А за ова сакам да ви се заблагодарам на сите, иако не е лесно под овие околности.

Како што знаете, јас не зборувам многу, но дефинитивно размислувам многу. Овие денови со сопругата разговаравме за годините што ги имав со овој дрес, овој единствен дрес.

Напишав, односно напишавме писмо за вас. Се надевам дека ќе успеам да го прочитам. Ако не успеам, мојата ќерка ќе го направи тоа, бидејќи сака многу да чита.

Морам да земам воздух, извинете, не е лесно за мене.

Ќе си заминам пред да стане доцна. Претпоставувам дека сте гладни, време е за вечера.

И покрај тоа би останал тука уште 25 години.

Ти благодарам Рим.

Им благодарам на мајка ми, татко ми, брат ми, моето семејство, моите пријатели. Им благодарам на сопругата и моите деца.

Сакав да започнам со крајот, бидејќи не знам дали ќе бидам способен да го прочитам ова до крај.

Невозможно е да се сумираат 28 години во само неколку реченици. Би сакал да го направам тоа со песна или нешто такво, но знаете дека не сум добар во тоа. Затоа решив тоа да го искажам со моите нозе во овие 28 години. Што беше полесно за мене.

Знаете која ми беше омилената играчка? Топката. И сè уште е така. Но ние старееме, така ми рекоа, по ѓаволите.

На 17 јуни 2001 година сите посакувавме тоа да помине побрзо (За Скудетото на Рома). Едвај чекавме судијата да свирне три пати на крај. Сè уште се ежам кога ќе помислам на тоа.

Денес, времето ми дојде на врата и ми рече:

Мора да пораснеме. Од утре, ти ќе бидеш постар. Соблечи ги шорцевите и копачките, бидејќи од утре ќе бидеш маж и нема да имаш можност повеќе да уживаш во миризбата на тревата од блиску. Сонцето на твоите очи додека се приближуваш кон голот, ареналинот кој те обзема, радоста на прославата на гол.

Во овие последни минути се прашував `Зошто ме разбудија од овој сон`?

Се сеќавате ли кога бевте деца и кога сонувавте нешто убаво, а вашата мајка ве буди бидејќи е време за во школо, а вие сакате да останете во кревет и да спиете? Потоа се обидувате да се вратите во таа приказна повторно, но никогаш не ви успева.

Овој пат тоа не е сон, туку е реалност.

Писмото е за сите вас, за децата кои ме охрабруваа, за оние кои пораснаа и сега се татковци и за оние кои сè уште скандираат „Тоти гол“. Би сакал да мислам дека мојата кариера за вас е една бајка која ќе ја прераскажувате во иднина.

Сега навистина дојде крајот. Го соблекувам дресот за последен пат, иако не сум подготвен да го направам тоа и можеби нема ни да бидам.

Извинете што во последниве неколку месеци не реков ништо за тоа што се случува во моите мисли, но гасењето на светлото не е лесно.

Сега се плашам. Тоа не е истиот страв кога треба да шутирам пенал. Овој пат не можам да видам низ дупките на мрежата што ќе се случува.

Дозволете ми да бидат исплашен.

Овој пат јас сум оној кој ви треба и топлината која сте во можност да ми ја дадете.

Со ваша поддршка, спремен сум да завртам нова страница и да почнам нова животна авантура.

Сега е време да им се заблагодарам на сите мои соиграчи, тренери, директори, претседатели и сите оние кои работеа покрај мене цело ова време. На навивачите на Курва Суд. Симболот за нас Римјаните и навивачите на Рома.

Да се родиш Римјанин и навивач на Рома е привилегија. Ми беше чест што бев капитен на овој тим. Секогаш сте биле и секогаш ќе бидете дел од мојот живот.

Нема да можам да ве забавувам со моите нозе, но моето срце секогаш ќе биде тука со вас.

Сега ќе слезам по скалите, ќе отидам во соблекувалната која ме прими како дете и ќе заминам како возрасен.

Многу сум горд и среќен сум што ви дадов 28 години љубов.

Ве сакам.

29 мај 2017 - 10:32