Пехарот ќе чека на бензинска на пола пат

Минатата сезона кога за титулата се одлучуваше во последното коло, челниците на Премиер лигата пратија по еден трофеј на двата стадиони, но во 5-та лига имаат само еден, па за време на последното коло претседателот на лигата со пехарот во својот автомобил ќе чека на пола пат.

Премиер лигата минатата сезона имаше инфарктна завршница и шампионот беше решен во последната минута, па челниците на Премиер лигата мораа да бидат подготвени за доделување на пехари на два стадиони.

Манчестер Јунајтед во последното коло му гостуваше на Сандерленд, а на 225 километри одалеченост, Манчестер Сити го пречека КПР. Се шпекулираше дека трофејот ќе лета во хеликоптер и ќе биде доставен по натпреварот на стадионот каде ќе биде новиот шампион, но за да се избегне било каков проблем, Премиер лигата направи два трофеи и ги испорача на двата стадиони пред почетокот на натпреварите.

Но челниците на Блу Сквер Бет Конференцијата, односно 5-та по ранг лига во Англија, немаат пари за да прават два трофеи па мораа да смислуваат друг начин за да бидат сигурни дека трофејот во сабота ќе му биде испочаран на победникот на лигата.

Пред одигрување на последното коло, Менсфилд има 2 поени предност во однос на Кидерминстер и двете екипи играат на домашен терен, а стадионите им се одалечени 145 километри.

Токму затоа, претседателот на лигата, Денис Страдвик со пехарот на совозачкото седиште во својот Форд Мондео ќе чекаат на автопат на бензинска станица во близина на градот Тамворт, односно на пола пат помеѓу Менсфилд и Кидерминстер.

Доколку Менсфилд има предност по првите 45 минути, тој уште на полувреме ќе се упати кон тој град, но ќе биде во постојан контакт со двата стадиони и ќе биде подготвен да сврти назад кон Кидерминстер доколку се случи некој пресврт.

19 април 2013 - 10:53