Патриотизам се докажува на терен, не со маица

По мечот Фенербахче - Локомотива Москва, фудбалерот на гостите Дмитри Тарасов се прошета со маица на која беше ликот на Владимир Путин. УЕФА му спрема казна од 10 меча, а во Русија не спласнува полемиката.

Полушпицот на Локомотива Москва, Дмитри Тарасов е во фокусот откако на првиот меч од 1/16 финалето од Лига Ервопа (2:0 за Фенер) се појави со маица со ликот на Владимир Путин на која пишуваше Најљубезниот претседател.
 
„Не сакав никого да провоцирам. Тоа е мојот претседател. Го уважувам и почитувам и решив тоа да го покажам. На маицата пишуваше сè што сакав да кажам“, објасни Тарасов за Р-спорт после мечот.
Желбата на рускиот фудбалер да го поддржи претседателот на Руската Федерација може скапо да го чини, затоа што дисциплинската комисија на УЕФА најави дека би можела да го казни со 10 меча. Локомотива би можела да добие парична казна.

Турската јавност не го крие огорчувањето од овој гест. Водечките спортски медиуми гласно расправаат на оваа тема и ја опишуваат како крајно глупава и лекомислена. Во Русија дебатата се одвива отприлика на ист начин.
„Не знам кој ќе му каже фала за таквото глупаво однесување. За никаков патриотизам тука не станува збор. Тоа е крајно глупава постапка на професионалец за каков себеси се смета Дмитри. Патриотизанот не се докажува со маица и слика. Да победат 3:0 против Фенербахче, тоа ќе беше патриотизам и Тарасов неговите навивачи ќе го носеа на раце до стадионот во Москва“, прокоментирал Игор Лебедев, делегат во Рускиот фудбалски сојуз.
Лебедев додаде и дека со оглед на тешката политичка состојба, УЕФА сигурно сериозно ќе го казни и играчот и Локомотива и рускиот фудбал во целост. Пред натпреварот неколку навивачи на Фенербахче беа приведени поради тоа што сакале да го каменуваат гостинскиот автобус. На стадионот беа присутни и стотина навивачи на рускиот клуб.