Патот до Лисабон

Финалистите во најелитното клупско европско натпреварување патуваа осум месеци и одиграа по 12 натпревари за да го заверат најпосакуваниот билет. Ова ќе биде прва мадридска пресметка во завршницата, 13-то финале за фудбалерите на Реал Мадрид и само второ за Атлетико.

Галатасарај – Реал Мадрид 1:6

Стартот на 16 септември за Шпанците мина фуриозно. Во Истанбул тимот на Роберто Манчини беше декласиран убедливо, а тоа беше најава за извонредната сезона на Роналдо кој постигна хет-трик. Два пати стрелаше Бензема и еднаш Иско.

Атлетико Мадрид – Зенит 3:1

Четата на Симеоне се врати во Лигата на шампионите по четири години, а успешната сезона ја започнаа се победа над Зенит од 3:1. Творци на триумфот беа Миранда, Туран и Баптистао.

Јувентус – Реал Мадрид 2:2

По максимални 9 освоени бодови на три меча, фудбалерите на Реал Мадрид гостуваа во Торино каде одиграа 2:2 и со тој бод се доближија до осминафиналето.

Атлетико Мадрид – Австрија 4:0

На 6 ноември фудбалерите на Атлетико гостуваа во Австрија и со висока победа си го обезбедија пласманот помеѓу најдобрите 16 екипи. Раул Гарсија постигна два гола во низа.

Реал Мадрид – Галатасарај 4:1

Во сличен стил билетот во осминафиналето си го обезбеди и Реал. Турскиот состав повторно се соочи со висок пораз. Бејл, Арбелоа, Ди Марија и Иско беа стрелци.

Милан – Атлетико Мадрид 0:1

Во нокаут фазата првата пречка за тимот на Симеоне беше Милан. Со вкупни 5:1 Шпанците отидоа понатаму, а на првата средба во Милано гостинскиот триумф го обезбеди Диего Коста.

Шалке – Реал Мадрид 1:6

Осминафиналната пресметка за Кралскиот тим се покажа како лесен залак. Уште на првата средба во Германија работите веќе беа јасни, каде по два гола постигнаа Бензема и Роналдо.

Атлетико Мадрид - Барселона 1:0

Големиот испит за Атлетико беше битката против Барселона. Резултатот на „Камп Ноу“ од 1:1 им одеше во прилог, а човек на одлука на реваншот беше Коке.

Реал Мадрид – Борусија Дортмунд 3:0

По ланското полуфинале, овие две екипи се сретнаа повторно во нокаут фазата, овој пат во четвртфиналето. На првиот дуел во Мадрид домаќините беа убедливи, но на реваншот Германците успеа да внесат неизвесност и триумфираа со 2:0.

Челси - Атлетико Мадрид 1:3

Последната пречка за Атлетико до финалето беше опасниот Челси. Жозе Мурињо го паркираше автобусот во Мадрид и успеа да извлече позитивен резултат 0:0, но тоа не му успеа на домашен терен каде Диего Коста, Арда и Адриан го замолчија „Стемфорд Бриџ“.

Баерн Минхен – Реал Мадрид 0:4

Европскиот шампион беше најсериозниот испит за Карло Анчелоти. Првата пресметка на „Сантијаго Бернабеу“ од 1:0 не реши ништо, но Баварците и покрај иницијативата беа шокирани од Рамос и Роналдо кои стрелаа во два пати.

24 мај 2014 - 12:38