Пандев: „После Европското, 99% одам во пензија“

Капитенот на фудбалската репрезентација, човекот кој ни ја овозможи најголемата фудбалска радост да ја гледаме Македонија на едно големо натпреварување, вели дека веќе отприлика знае што ќе прави по крајот на богатата кариера.

Во разговор со колегата Игор Александровиќ во емисијата „Полн Погодок“, Пандев отворено зборуваше за актуелностите околу него, федерацијата и репрезентација. Она што се најавува, најверојатно ќе се оствари годинава. Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња по континенталниот собир летово, по сè изгледа ќе ги качи копачките на клин.

„Пред некој ден се видов со нашиот газда Прециози (Енрико, претседателот на Џенова), ми кажа дека треба да зборуваме, дека нивната идеја е дека треба да продолжам да играм, но дека на крајот одлучувам јас.

Со мојата фамилија одлучивме 99% после Европско е време да одам во фудбалска пензија. Идејата сега за сега е така, сакам да ја завршам кариерата после едно големо натпреварување. Сонот конечно се оствари и мислам дека после тоа немам повеќе мотивација да играм на вакво него.

Кога еден играч ќе изгуби мотивација, желба за играње, на години како мене, на 38 години подобро е да оди во пензија.

Овде имам понуда да работам во клубот, па ќе видиме што ќе биде“.

ЗА ВЛОЖУВАЊЕТО ВО МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ И НЕГОВО ПОДИГАЊЕ

Капитенот веќе 10 години го финансира клубот Академија Пандев кој стана стабилен прволигаш и излезе на меѓународна сцена. Но...

„Искрено да се вратам 10-ина години тоа никогаш не би го направил, али во 2010-та година се роди идејата да го вратам младинскиот фудбал во Струмица. Моја идеја беше да помогнам на Беласица, но со тогашниот претседател не најдовме заеднички јазик. Идејата беше да имаме само младински категории, но од федерација ни кажаа дека ако немаме прв тим нашите деца нема да може да играат во Супер лигата. Најголема грешка беше што направивме прв тим зошто идејата беше поинаква“.

ПАРИТЕ (ПО 20.000 ЕВРА ЗА СЕКОЈ ЧЛЕН) КОИ СИ ГИ ПОДЕЛИЈА ЧЛЕНОВИТЕ НА УО ЗА ПЛАСМАН НА ЕВРОПСКО, КАКО ОНИ ДА ИГРАЛЕ

„Тоа што го направија е најголем срам што се случил досега во фубалот во Македонија. Знаеме на какво ниво ни е фудбалот во земјата, аматерска лига, терени и подлога катастрофална, клубовите едвај врзуваат крај со крај, али овие луѓе од интерес се дрзнаа да си поделат плата во овие кризни моменти на грбот на репрезентација и да ги сокријат сите проблеми. Најголемиот срам и уште не можам да верувам дека си поделија пари. Ова е најголемиот скандал што постои во фудбалска Македонија“.

ЗА ПОБЕДАТА СО КОСОВО МНОГУМИНА ЛАЖНО СЕ РАДУВАЛЕ

„Тоа е вистината. Претседателот на ФФМ Сејдини не ни дојде во хотелот да ни посака среќа, сите бевме под притисок, знаевме каков натпревар (со Косово) не чека. Нив им беше се исто како ќе заврши.

Веќе две години врбуваат во репрезентацијата, сакаат да ја нарушат атмосферата, но селекторот и ние никогаш не се поделивме. Направивме за 5 години нешто што ниедна генерација не успеала. Во секоја област, па така и во вашата (новинарска) има поделби.

Некои пишуваат против федерација, некои се на платен список на федерација па не смеат да пишуваат. Некои доаѓаат со нас со авионите летаат, седнуваат и во бизнис класа, додека ние седиме позади. Никој не сака да ја каже вистината.

ШТО ГО ИЗНЕРВИРАЛО НАЈМНОГУ?

„Најмногу што ме погоди, што ме иритира, дека си поделија премија а има деца во репрезентација што не дојдоа на последниот собир поради повреди, играчи со по 40 и повеќе настапи и некои се дрзна да земе премија пред нив. Каде е овде почитта, каде е доблеста? Покажаа дека се луѓе од корист, од интерес. 

КРАЈ СО ФИНАНСИРАЊЕ НА АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

„Искрено, не гледам разлог зошто да вложувам во македонскиот фудбал. Чекам Европското да помине и да седнам со луѓето од Академија да седнеме да се договориме што и како понатаму. Гледам работи што не се искрени и не се за доброто на фудбалот. Не е проблем Академија Пандев да испанде од лига или нема. Од една страна и сум среќен што веќе нема да вложувам толку зошто фудбалот ни е на дно, ќе немаме проблеми“.