Фудбалерите на Реал Мадрид се соочија со мала непријатност пред почетокот на полуфиналниот натпревар. Се уште непознати крадци успеале да влезат во соблекувалната на Реал Мадрид на Алијанц арената во Минхен и да украдат шест пара копачки и неколку дреса. Дури три пара биле на Кристијано Роналдо, а останатите им припаѓале на Месут Озил и Карим Бензема.
По малата иницијатива на Реал Мадрид на почетокот од натпреварот, први во водство дојдоа домаќините. Серхио Рамос не реагираше најдобро по еден корнер од левата страна во 17-та минута, а топката се одби од градите на Бадштубер и дојде до Франк Рибери кој ја заби во мрежата на Касиљас.
Според некои шпански медиуми, голот за Баерн беше постигнат при спорна ситуација затоа што при шутот на Рибери, Луиз Густаво се наоѓаше во офсајд позиција, а тој беше во патеката на топката, но судијата Хауард Веб воопшто не се двоумеше и го призна овој погодок.
Ова беше прв натпревар од Лигата на шампиони оваа сезона на кој Реал Мадрид прв прими гол.
Во 53-та минута Кристијано Роналдо пропушти огромна шанса да израмни, но по неколку секунди тоа му успеа на Месут Озил. По шутот на Бензема топката повторно дојде до Роналдо кој од левата страна го проигра Озил на кого не му беше тешко само да ја внесе топката во голот на Баерн.
Фудбалерите на Баерн беа целосно ја презедоа иницијативата и беа поупорни во текот на второто полувреме, но победничкиот гол беше постигнат во последната минута од регуларниот дел. Лам убаво се ослободи од Коентрао и ја уфрли топката во шестнаесетникот, а на неа налета Марио Гомез кој стрелаше за 2:1.
Ова беше деветта победа за Баерн Минхен на последните 10 дуели со Реал Мадрид на нивниот терен.
Реваншот во Мадрид ќе се одигра следната среда.