Офсајд тим на годината: Борусија Дортмунд

Парма, Елче, Лестер и Каен се дел од екипите кои новата година ќе ја дочекаат на дното на табелата во европските лиги. Со истите маки ќе влезе и осминафиналист од Лигата на шампионите кој пред две сезони стигна до финале.

За прв пат во историјата на Бундеслигата, второпласираниот тим од претходната сезона ќе влезе во зимската пауза во зоната на испаѓање. Тоа е Борусија Дортмунд, шампионот на Германија за 2011 и 2012 година кој привлекува најмногу навивачи.

Бандата на Јурген Клоп пред 19 месеци беше на чекор на стадионот „Вембли“ да се качи на европскиот трон, но во последната минута им пресуди Арјен Робен кој погоди и му го донесе пехарот на Баерн Минхен.

И покрај скршеното срце од германското финале во Лондон, Борусија продолжи во ист стил и ги доби следните две финалиња против големиот ривал. Минатата сезона ја заврши со трофеј во купот, а оваа сезона ја почна со славје во Супер купот. И на двете средби Баерн настрада со 2:0.

Но никој не очекуваше дека по толку кус период симпатичниот борбен тим на Борусија ќе почне да губи од кој стигне во првенство и дека за да му на најдеме позицијата на табелата ќе треба да скроламе најдоле на табелата.

Минатото лето раководството вложи преку 50 милиони за засилувања. Младите Имобиле и Гинтер, Кагава и расниот стрелец Рамос требаше да бидат новите надежи кои ќе му помогнат на клубот да го одржува истиот победнички ритам.

И заедно со Суботиќ, Бендер, Шмелцер и Гундоган, потоа со староседелците Кејхел, Пишчек, Гроскројц и Вајденфелер, како и милениците Ројс и Хумелс кои одбија понуди за трансфер, требаше по сите параметри да му бидат сериозна опозиција на Баерн Минхен.

Но препознатливиот жесток пресинг на „Милионерите“ повеќе не функционира. Тие и натаму му вршат притисок на противникот во неговата половина, но тоа се залудно истрчани километри. Во првенството се трети се по бројот на упатени шутеви кон гол и имаат трета најдобра одбрана по бројот на удари кои им завршуваат на гол.

Но проблемот е што обидите за гол не завршуваат каде што треба и што шутевите на противниците завршуваат најчесто зад грбот на Вајденфелер или Лангерак.

Можеби продажбата на Марио Гетце ја најави кризата во тимот или пак заминувањето на Роберт Левандовски, губиток кој изгледа дека не може да го надокнадат Имобиле, Рамос и Обамејан.

Полскиот голгетер имаше совршен тајминг кога да се повлече и да одигра за играчите од втор план, како и да дочека асистенција за погодок. Но тоа го правеше многу полесно за разлика од Имобиле кој треба многу да трча за да асистира или да ја затресе мрежата.

Поголемиот проблем Борусија го има во одбраната. Сјајниот бековски тандем Шмелцер-Пишчек сезонава има проблеми со повреди, а нивните замени Дурм, Кирх и Сократис не се на потребното ниво.

На стоперските позиции Суботиќ ја игра најлошата сезона, додека Хумелс делува исфрустрирано што летово не си ја оствари целта да направи голем трансфер.

Оваа одбрана сезонава прима трагични голови, а тоа што посебно треба да го загрижи Клоп е што неговиот тим е лидер по бројот на примени голови од грешки.

Кулминацијата беше на мечот со последно пласираниот Вердер кој го закова Дортмунд на дното на табелата каде со ист број на бодови е и Фрајбург. На сето проклетство се случи повредата на Марко Ројс

Првиот дел од сезоната составот на Клоп го завршува со 10 порази, 3 нерешени и само 4 победи, а борбата за опстанок ќе ја почне на 31 јануари на тешкото гостување против Баер Леверкузен.

22 декември 2014 - 18:29