Нашиот Офсајд лик минатиот пат беше Вентура. 21 ден потоа повторно Офсајд лик ни е Вентура. Зошто? Бидејќи “се прослави“ со дури три недели стаж на кормилото на Киево кој му го доверија да го спасува од лига, а тој кутриот сам не успева да се спаси.
Колку е само несреќен овој тренер на кој претходно му ја додоа огромната одговорност, наречена Италија. Седна на кормилото на Киево пред четири кола, не доби ниту еден меч и синоќа си поднел оставка.
По ремито со Болоња, Џан Пјеро Вентура останал долго во соблекувалната и ги известил играчите за одлуката која ја донел, а потоа му кажал и на спортскиот директор на клубот.
70 годишниот италијански стратег немаше ниту еден опасен противник, но и покрај тоа не успеа да оствари победа. Неговите резултати се: Киево – Аталанта 1:5, Каљари – Киево 2:1, Киево – Сасуоло 0:2 и Киево – Болоња 2:2.
Кога пристигна во Киево на социјалните мрежи го реметат со коментари од типот: Прифатив да го тренирам Киево, бидејќи знаев дека никогаш не примаат гол. А тој прими 11 гола на четири средби.
Најголемиот ужас е што успеа да го однесе клубот на салдо од 0 бодови. Киево беше суспендиран со одземање на три бода, Вентура го презеде на -1 и стигна до 0. Страшен успех.
Италијанските медиуми информираат дека Вентура денеска треба да ја поднесе оставката до претседателот на клубот кој синоќа не бил на стадион.
Искрено навиваме да не му ја прифати да видиме како ќе тера најужасниот селектор на Италија. Ете следно коло може ќе го поправи учинокот. Киево му гостува на Наполи 😊.