Одложен натпревар затоа што немало кој да суди

Викендов еден натпревар од првата и еден од втората македонска фудбалска лига се одиграа без контролори за судиите, но имало и полоши од нас. Натпревар од Премиер лигата на Велс не се одигра затоа што никој не ги известил судиите.

Добро е, имало и понеорганизирани од нас. Натпреварот од Премиер лигата на Велс помеѓу Карматен и Ербас не се одигра во понеделникот откако на стадионот се појавија фудбалерите на двете екипи, домашни и гостински навивачи, но не и судиите.

Овој натпревар по втор пат е одложен и најверојатно од трета среќа ќе се одигра во текот на оваа недела.

Натпреварот беше закажан за минатиот месец, но беше одложен заради лошите временски услови и требаше да се одигра во понеделникот. Фудбалерите на гостинскиот тим и нивните навивачи патувале скоро 4 часа, но за џабе.

Челниците на федерацијата и фудбалкиот клуб Карматен си ја префрлаат вината за тоа кој требал да ги повика судиите кои не присуствувале на вчерашниот натпревар затоа што никој не ги известил дека тие повторно биле делегирани за одложениот натпревар во новиот термин.

Премиер лигата на Велс е составена од 12 клубови, а дел од нив се полупрофесионални. Еден од нив е и гостинскиот тим кој на своите фудбалери им плаќа по одигран натпревар, па тие соопштија дека за вчерашниот одложен натпревар ќе побараат плата од домаќините кои се виновни за лошата организација.

2 април 2013 - 14:53