Историската година на Црвена Ѕвезда 1990/1991
Последната деката од 20 век стартуваше со историската шампионска титула на тимот од Белград кој предводен од Савичевиќ, Просинечки, Панчев, Михајловиќ и останатите балкански ѕвезди ја покорија Европа. Пенал серијата во Бари на финалниот меч против Олимпик Марсеј со гол ја реши нашиот Панчев, но ние ќе ве потсетиме на една фантастична контра од полуфиналето против Баерн Минхен на кое повторно егзекутор беше Македонецот.
Топовскиот удар на Куман 1991/1992
Домаќинот на следното финале беше стадионот „Вембли“ во Лондон, а херој на финалниот меч беше славниот Холанѓанец Роналд Куман кој со голчиште од слободен удар и донесе титула на Барселона. Сампдорија во тоа време ја водеше Вујадин Бошков кој му го донесе единственото Скудето на тимот од Џенова.
Првата титула на Олимпик Марсеј 1992/1993
38 издание од Европскиот Куп се преименуваше во Лига на шампиони, а за прв пат беше воведена и групна фаза во која се натпреваруваа 8 екипи поделени во две групи. Милан под водство на Капело кој имаше дрим тим составен од Ван Бастен, Рајкард, Малдини, Барези, Донадони и уште ред други легенди беше поразен минимално, а голот го постигна Боли.
Лобот на Савичевиќ 1993/1994
Италијанците играа во второто финале по ред каде за противник ја имаа Барселона предводена од Јохан Кројф. Овој пат Милан беше засилен со дуото Савичевиќ-Бобан, а Каталонскиот тим каде настапувааа Ромарио, Стоичков, Гвардиола беа торпедирани со 4:0. Дејан Савичевиќ го постигна еден од најубавите голови во финалињата.
Славната генерација на Ајакс 1994/1995
На местото на Кројф дојде Луис ван Гал кој во тимот го врати Рајкард од Милан, а тој беше пример за идните ѕвезди од младинската академија на Ајакс, како браќата Де Бур, Давидс, Сидорф и Рајзингер, како и Овермарс и Ван дер Сар. Сезоната во Холандија ја завршија без пораз и станаа првиот тим со три домашни титули по ред во својата земја. Кобниот гол за бранителот на титулата кој со Капело стигна до три финалиња по ред беше оној на 18 годишниот Патрик Клајверт на 6 минути до крајот.
Пеналот на Југовиќ 1995/1996
Холанѓаните тргнаа во одбрана на титулата, но пред себе го имаа силниот состав на Јувентус каде тренер беше Марчело Липи, а настапуваа Виали, Конте, Перуци, Дешамп, Дел Пјеро, Ди Ливио. По регуларниот дел кој заврши 1:1, Италијанците беа поуспешни од белата точка со 4:2.
Меѓусебната тепачка на Блекбурн 1995/1996
Ретко се случува, па вреди да се спомене и овој момент. Спартак Москва славеше против Блекбурн со 3:0, а гостинските играчи Дејвид Бати и Грем Ле Со си разменија по некој удар иако играат од иста.
Босанецот кој го шокираше „Олд Трафорд“ 1996/1997
Ова година финалето му припадна на Борусија Дортмунд кој славеше со 3:1 против бранителот на титулата, но место снимка од тој меч, ќе ве потсетиме на една импресивна историја поврзана со Манчестер Јунајтед. Црвените Ѓаволи цели 40 години беа непоразени на домашен терен на европските натпреварувања, а неповторливата серија не успеаа да им ја прекинат дури 56 клубови. На меч од групната фаза, екипата на Фенербахче им стави крај на непобедливите пред своја публика, а јунак беше Елвир Болиќ.
Хет-трикот на Асприља 1997/1998
Исто како Милан, и тимот на Јувентус одигра три финалиња по ред од кои победи само на едно. Трофејот таа година го подигнаа Кралевите, а победничкиот гол го постигна Предграг Мијатовиќ. Од оваа сезона ќе ве потсетиме на уште еден шокантен резултат од фазата по групи, а тоа беше поразот на Барселона од Њукасл со 3:2. Славниот Колумбиец ги торпедираше Каталонците со 3 погодоци, а Луис Енрике и Фиго само го ублажија поразот. Барса заврши последна во групата со два бода помалку од Англичаните.
Џокерите на Фергусон 1998/1999
Иако поминаа 15 години сликата не се брише. Оваа што ќе ви ја прикажеме е од единствената камера на УЕФА која ги улови најважните 3 минути во историјата на Лигата на шампионите за Манчестер Јунајтед. Баерн Минхен поведе со голот на Марио Баслер од слободен удар уште во 6 минута, но Теди Шерингам и Оле Гунар Солскјер им го одземаа пехарот од раце во судиското продолжение.