По авантурите од Шпанија до Русија, Ето пред неколку дена стана нов играч на Сампдорија. Навивачите на клубот од Џенова со нетрпение чекаа тој да биде претставен и наместо минатиот понеделник, целата работа се одложи за друг ден. Причина - Ето никогаш не лета со авион во понеделник.
Фудбалскиот свет има суеверија и ритуали што делуваат смешно, но не и за најголемите светски имиња. Така Кристијано Роналдо, освен што на теренот влегува со десната нога, секогаш патува на исто место во клупскиот автобус и авион. На СП 2014 година во Бразил, кога ждрепката ги спои Португалија и Гана во иста група, се појави приказна според која некој гаталец од Гана направил вуду-магија со цел да ѝ помогне на својата селекција.
Роналдо за време на мечот против Гана доживеа ситна повреда, која на крајот не го спречи да даде гол за Португалците.
Во моментов е актуелен Африканскиот Куп на нации, настан на кој често се мешаат суеверијата и фудбалот. Меѓу разните митови, најпознат остана оној од 2002 година, кога тренерот на голманите на Камерун, Н'Коно беше уапсен пред натпреварот со Мали, затоа што додека ги загревал голманите, на еден од головите ставил некаков предмет. На Н'Коно на крајот не му падна тешко затворската казна од неколку дена, затоа што неговиот Камерун го освои пехарот.
Во Африка ја викаат „јују“ или натприродната моќ со која се дарувани некои предмети, кои наводно не се користат за некаква одмазда или несреќа, туку за помош на своите играчи. Откако во '90-те години имаше многу проблеми со магиите и гаталците, Африканската фудбалска федерација забрани употреба на било какви предмети и ритуали пред и по натпреварите на Африканскиот Куп.
Ништо поразлично не е ниту во Европа, иако фудбалерите на Стариот континент тоа го прават многу поинтимно. Така Лорен Блан имаше екслузивно право да ја бакнува ќелавицата на Фабијан Бартез пред секој натпревар на Франција, а Румениге пиеше шолја чај со бисквити (секогаш три) пред секој натпревар на Германија.
Голманот на Шкотска, Алан Роу пред секој дуел под дресот со број еден, носел уште еден со бројот 11. Џон Тери, капитенот на Челси, пред секој натпревар во рака држел старо тениско топче кое го шутира во празниот гол пред почетокот. Сосема спротивно, Гари Линекер никогаш не шутирал во гол на загревањето, убеден дека така ќе ги потроши головите резервирани за натпреварот.
Бразилецот Едмундо, додека играше во Фиорентина, купил куќа во Вијареџо, близу морето и секој ден пешачел по десетици километри напред и назад, верувајќи дека мирисот на морето ќе му донесе среќа. Подоцна во Парма, во сезоната 2004/2005, Едмундо имал ритуал во карантинот пред натпреварите од Купот на Уефа: После вечерата, секогаш носел кечап во собата во секој хотел. Клубот знаел за тоа, но додека се победувало, ништо не му замерувале. Парма таа година се спаси од испаѓање (ја победи Болоња во баражот) и играше полуфинале на Куп на Уефа, против ЦСКА во Москва.
Ништо поарни не се ниту тренерите. Џовани Трапатони во џеб секогаш си носел шише со крстена вода, а Французинот Рајмон Доменех во француската репрезентација ги бираше играчите според нивните хороскопски знаци. На СП 2010 во Јужна Африка, повик не доби Пирес, затоа што во хороскоп бил скорпија, а на Доменех не му требал таков знак меѓу играчите.
Адријано Галијани на секое финале во ЛШ на Милан облекува жолта кравата на бела кошула и тоа досега секогаш му носело успех. Галијани забележал и дека Милан секогаш победува кога игра Лига на шампиони во бели дресови. Со оглед на резултатите на Милан во последно време, некој треба во тренинг кампот Миланело да види што е со ритуалите.