Новата ѕвезда на Барселона под специјален режим пред дебито

Клупскиот доктор на Каталонскиот тим, Данил Медина го посети Нејмар во Бразил каде ги оперираше крајниците, а отпатува со целосна програма со која младиот напаѓач треба да биде во топ форма пред првиот меч на 2 август кој ќе го игра против неговиот довчерашен клуб Сантос.

Нејмар има нешто помалку од еден месец за подготовка пред неговиот деби настап за Барселона, а челниците во клубот очигледно дека сакаат да го видат максимално подготвен.

Првата работа која треба да ја стори најдобриот фудбалер од Купот на Конфедерациите е да одмора неколку дена по вадењето на крајниците, а веќе од 15 јули тој ќе мора да почне да ја темпира формата и да работи на физичката кондиција.

Советите кои ги доби од неговиот нов клуб е да практикува повеќе видови на спорт почнувајќи со разни вежби, џогинг на плажа и на планини, да вози точак, да игра тенис, голф, како и да оди на пливање.

Во последната недела од неговите подготовки тој ќе треба да ја посетува теретаната и да ја зголеми мускулната маса, а медицинскиот тим на Барса му препорача и да ја зголеми својата тежина од 3 до 5 килограми со конзумирање на повеќе тестенини.

За 21 годишниот Нејмар кој е висок 175 см и тежок 65 килограми медиумите анализираа дека е слаб за неговата висина, а препорака за да се здебели доби и од докторот на Барселона.

Брзилската ѕвезда треба да се појави во тренинг центарот на Каталонците на 29 јули, а деби настапот ќе му биде против неговиот поранешен клуб Сантос на 2 август.

8 јули 2013 - 14:23