Според правилникот на УЕФА, ако најмалку 1 фудбалер е позитивен, тој треба да оди во изолација, а другите си тераат како до тој момент. Ама во Норвешка властите поинаку го толкуваат.
Вестите како за позитивен случај во репрезентацијата на Норвешка веќе станаа секојдневница во секој спортски колектив. Со тоа што кај некои влогот е многу поголем, кај некој помал.
Норвешка се бореше за прво место во својата група во дивизија Б во Лига на нации, но не отпатува на меч во Романија (и најверојатно нема да патува во Австрија за меч од последното коло задутре), поради позитивен тест на нивниот фудбалер Омар Елабделуаи.
Играчот на Галатасарај е единствениот кој бил позитивен од цела репрезентација и стручен штаб, но норвешките власти многу строго се однесуваат со глобалниот вирус, па и забраниле на репрезентацијата да патува надвор од земјата.
Во саботата вечер фудбалската федерација на Норвешка пишала отворено писмо до министерот за здравство.
„Не сакаме да испаднеме од европската заедница од која сме дел. Ги губиме шансите за пласман погоре. Сите други 54 асоцијации на УЕФА играт натпревари неделава освен Норвешка. Ова е многу штетно за амбициите на репрезентацијата на кратки и долги стази. И спортси и финансиски ќе ни се одрази и ќе ја ослабне репутацијата во европскиот фудбал.
Норвешка во моментов има исто бодови со Австрија во нивната група од Лига на нации, но се јавува проблем што УЕФА би можело службено да и додели победа на Романија (3:0) и Норвежаните да го изгубат првото место.
На 18 ноември (среда) Норвешка треба да патува во Виена но властите во оваа земја би можеле одново да им забранат да патуваат, па Норвежаните да изгубат шанси за прво место и пласман во повисок ранг од Лига на нации. Федерацијата добила поддрша и од играчите. Мартин Едегор и Стефан Јохансен велат: „Ги губиме шансите за плејоф за пласман на Светско првенство 2022. Ова се многу важни мечеви за нас. Шест месеци живеевме во карантин“.
Во отвореното писмо на федерацијата до здравствените власти детално се раскажува за мерките кои ги презеле во репрезентацијата: дистанца, посебен чартер лет, маски во хотел, одржување хигиена и ветиле дека ако им допуштат да патуваат ќе седат на растојание и во автобусот.
„Во последните денови се одиграа 43 меча од УЕФА. Ниеден меч не беше одложен иако имаше случаи на зараза во репрезентациите. Се благодарение на строгиот протокол на УЕФА. Играч на репрезентацијата на Израел беше позитивен по нивното слетување во Осло, го ставија во изолација, тренираа два пати тука а после отпатуваа не меч во Чешка.
Ние четири години посветено се трудиме да се пробиеме на голем турнир, да бидеме пласирани подобро од 40-та позиција во рејтингот на ФИФА. Имаме можност да влеземе во дивизија А од Лига на нации и да играме против најдобрите селекции во Европа и да се најдеме во втор шешир при ждрепката за квалифиациите за Светско 2022. Ако не играме против Романија и Австрија, тоа ќе ги наруши нашите спортски амбиции“, пишува во заедничкото писмо потпишано од сите фудбалери.
Сега УЕФА ќе решава што понатаму. Во правилникот нема точка за автоматски службен резултат во случај репрезентацијата да не е пуштена да отпатува на натпревар па ќе Норвежаните ќе се обидат да ја убедат УЕФА да се преигра дуелот со Романија.