Горан Симов аут, Никола Глигоров ин, после слабиот старт на Вардарци кои имаат само една победа на стартот во втората лига. Загубија од Силекс и Велешта, ремизираа со Кораби, а ја победија само Воска Спорт од Охрид.
Тоа значи дека продолжуваат со доста добро познато име кое му беше помошник на Симов, а сега за прв пат како главен тренер на 38 години.
Глигоров има играно за Цементарница 55 и Работнички, како и во Србија, Кипар и Азербејџан, но најдолго го носеше дресот на Вардар за кој настапуваше во три наврати.
Споменете им го на Комити и сметајте дека сте ги допреле во срце. Се работи за играч кој беше дел од историскиот тим предводен од Чеде Јаневски, кој пред четири години ја испиша европската историја.
И не само тоа, туку тој и ја запечати големата победа против моќниот Фенербахче кој капитулираше среде Истанбул.
Летото 2017-та, најдолго, најжешко и незаборавно за секој навивач на Вардар, почна со елиминација на Малме во ЛШ, па пораз од Копенхаген во следното коло.
Но Вардарци големата европска сцена, продолжија да ја сонуваат во плејофот за Лига Европа. Таму направија големо изненадување откако на Градски го добија турскиот гигант со 2:0, а потоа настана драма на гости.
Фенербахче поведе 1:0 во 61-ва минута и имаше сосема доволно време да ја анулира предноста од Скопје и да ја потврди фаворитската улога. Но само 7 минути подоцна Џигаури израмни на 1:1, а во судиското продолжение Глигоров на стадионот „Шукру Шарачогу“ смрзна 42.000 турски навивачи
Џабе им беа и парите и реномето и Ван Перси и Солдадо во состав, кога Вардар одигра со срце и мотивација до крај.
Комити му посакаа среќа и го потсетија на златниот гол во Истанбул.
„Со својата скромност, големо срце, убоитост, напаѓачки инстинкт, искуство од големи натпревари, познавањето на играчкиот кадар, фактот дека е еден одличен психолог, пример како треба да живее и работи еден спортист и спортски работник, но и што е многу важно, квалитетите кои ги поседува како човек, кој сигурно ќе знае да направи разлика, да го промени ритамот, и да го пренесе својот победнички менталитет кај тимот. Да не го заборавиме моментот на историскиот гол и големите негови заслуги за елиминацијата на гигантот Фенербахче во среде Истанбул, пред само 4 години. Среќно Никола“.
Историските голови на Џигаури и Глигоров со коментар на Бранко Илиевски