Неверојатно луд натпревар меѓу Шпанија и Франција - паднаа 9 гола

Во второто полуфинале на Лига на Нации Шпанија и Франција одиграа неверојатен натпревар кој заврши 5:4. Шпанците имаа дури 4 гола предност на 23 минути пред крајот но Французите се вратија и ја стопија разликата благодарение на чудесниот бисер на Лион Рајан Шерки. Во финале ќе се игра комшиско дерби Португалија - Шпанија.

Epa images
Epa images
Photo: EPA Images

Фото: Epa Images

Гледавме топ дуел во полуфинале на Лига на Нации. Дури 9 гола паднаа во Штутгарт.

Европскиот шампион Шпанија предводена од сјајниот Ламин Јамал ќе игра во финале за уште еден трофеј.

ШПАНИЈА ПОВЕДЕ 2:0 ЗА ТРИ МИНУТИ И ПОСЛЕ СЕ СЛУЧИ ОГНОМЕТ

Селекторот на Франција Дидие Дешам не можеше да смета на одличните Вилијам Салиба и Жил Кунде во одбраната каде влегоа Клеман Легле и Пјер Калулу. На клупа остана Орелиен Чуамени од Реал Мадрид.

Кај Шпанците во одбрана заиграа Емерик Лапорт и новото скапоцено засилување на Реал Мадрид од Борнмут, 19-годишниот Дин Хејсен кој веќе има играно за Шпанија.

Франција активно го започна дуелот а Шпанците ловеа контри. Во 22' минута по крило проби Ламин Јамал кој врвно го проигра Микел Ојарзабал а овој Нико Вилијамс кој погоди за 1-0.

А после само три минути Шпанија го даде и вториот гол: одново асистенција на Ојарзабал и чист гол на Микел Мерино.  

Во вториот дел Адриен Рабио направи пенал врз Јамал а судијата Мајкл Оливер гледаше ВАР и покажа на белата точка. Ѕвездата на Барселона го искористи пеналот за 3:0 а набрзо „црвената фурија“ даде и втор гол за луди 4:0 преку Педри.

ФРАНЦИЈА СЕ РАЗБУДИ И ЌЕ НАПРАВЕШЕ СЕНЗАЦИЈА

Во 59' минута Килијан Мбапе го намали резултатот на 4-1 од пенал после фаулот над него од Педро Поро. Но тоа ништо не и значеше на Шпанија која преку нов гол на Ламин Јамал за страшни 5:1!

А после од клупата влезе Рајан Шерки, детето на Лион кого го бара цела Европа. И за малку ќе биднеше чудо:

79' минута - прекрасен гол на Шерки за 5-2

84' минута - одново Шерки влезе во шпанскиот шеснаесетник, направи дар-мар а Дани Вивиан си постигна автогол за 5-3.

90+4 - На асистенција на Рајан Шерки на подалечната статива, Рандал Коло-Муани од Јувентус им избега на Шпанците и постигна гол за 5-4!

До историска сензација сепак Французите не стигнаа а им фалеше уште само еден гол за чудо.

Рајан Шерки најверојатно ќе премине во Манчестер Сити иако француските новинари пишуваат дека Лион ја одбил првата понуда од 23 милиони евра.

ПОРТУГАЛИЈА - ШПАНИЈА ВО ФИНАЛЕ НА ЛИГА НА НАЦИИ

Сега на 8-ми јуни, во недела ќе се игра натпреварот за трето место меѓу Германија и Франција за утешителна бронза а во големото финале ќе се сретнат Португалија и Шпанија. Последен пат играа пред три години во групна фаза на Лига на Нации.

Важно е да се напомене дека победникот на ЛН ќе добие само трофеј. Нема никаков директен пласман на Светско првенство 2026 но ќе влијае на шансите да се влезе во баражот за Мундијал ако репрезентацијата не одигра добро во редовните квалификации.

Од Европа на Светско првенство ќе одат 16 репрезентации: 12 победници на квалификациски групи ќе одат директно. 12 втори места и четири најдобри селекции по рејтинг од Лига на Нации ќе играат во баражот.

6 јуни 2025 - 07:57