Џовани Трапатони е поим за фудбал. Тој е најтрофејниот италијански тренер со седум Скудета, од кои шест со Јувентус и едно со Интер. Заедно со Емст Хапел и Жозе Мурињо, е еден од тројцата имиња кој има освоено барем по една шампионска титула во четири земји.
Трапатони е четвртиот стратег во светот и втор во Европа со најмногу интернационални титули на клупско ниво од кои повеќето ги освои со Јувентус, како и еден од двајцата кои успеал да ги освои сите три натпреварувања кои се под капата на УЕФА со еден клуб.
Работеше како тренер во Италија, Германија, Португалија и Австрија, а како селектор освен својата земја, ја водеше и репрезентацијата на Република Ирска, а тоа му беше и најтазе ангажман кој вели дека нема да му биде и последен.
„Имам уште многу мотиви за работа, жена ми се лути, но мене уште ми се работи. Сега паузирам за да размислам што понатаму, имам понуди од американски и јапонски клубови, но ќе треба да размислам каде ќе заминам“ вели популарниот Трап.
Во кариерата имал многу убави моменти од кои не може да издвои само еден. Настапувал 12 години за Милан каде освоил седум трофеи, имал прилика да го чува Пеле, а има само една одлука за која се кае цел живот.
„Дебитирав како играч на Милан на мечот против Монца на „Сан Сиро“, но не сакав да му кажам на татко ми за да не дојде на стадион. За жал, тој почина по само четири дена“, раскажува Трапатони.
Славниот Италијанец кој зборува неколку јазици и има голема смисла за хумор, имаше можност да го види и македонската публика пред три години на квалификацискиот меч Македонија – Република Ирска , кога се одигра првиот меч на реновираната арена „Филип Втори“.
Последните шпекулации за него се дека тренерската кариера ќе ја продолжи како селектор на Брегот на Слоновата Коска. За Трап се вели дека пред секој натпревар, на тревата фрла света вода за среќа на неговиот тим.