Манчестер Сити долго го држеше врвот во англиската Премиер лига, се до овој викенд кога беа поразени на гостувањето кај Свонси.
Навивачите на Сити чекаат на титулата повеќе од 40 години и токму затоа не беше чудно што камерата регистрираше многу расплакани „граѓани" на стадионот на Свонси.
Поразот лошо влијаеше и на атмосферата во екипата. Медиумите во Британија известуваат дека на полувремето дошло до голем конфликт помеѓу Марио Балотели и Јаја Туре, но за среќа вербалната пресметка не прераснала во физичка.
За време на натпреварот Герет Бери збесна кога Манчини го замени во 37-та, уфрлувајќи го на неговото место Серхио Агуеро. Сите беа сведоци на испадот на Бери кој бесно му приговори на асистентот на Манчини, Дејвид Плат.
По натпреварот и самиот Манчини призна дека екипата поминува низ тежок период.
„Последните неколку дена беа многу тешки за мене и за екипата. Можеби не стигна заморот. Тоа е нормално кога веќе седум месеци играме три пати неделно. Загубивме два натпревари за четири дена и ова се тешки моменти за нас", изјави стратегот на Сити.
На сите овие маки се додаде и најавата на Един Џеко кој пројави желба да го напушти клубот затоа што веќе долго време не е во првиот тим.
Но најголема мака за „граѓаните" претставува тоа што лидерската позиција му ја препушти на Манчестер Јунајтед и титулата по 20. пат може да отиде рацете на најомразениот градски ривал.