Македонската фудбалска репрезентација на 6 април го оствари највисокиот скок од 33 места на ранг листата на ФИФА откако врза две победи против Лихтенштајн и Белорусија и се најде на 133-та позиција.
Сега останува на истата позиција бидејќи изминативе месец дена не одигра ниту еден натпревар. Секако дека историскиот скок минатиот месец не е доволен за нашиот национален тим кој може и мора многу повеќе. За сега останува во неславно друштво со селекции како Бахреин, Тајланд, Филипини, Палестина, Етиопија.
Нема промени ниту за нашите противници во квалификациската група за СП Русија 2018, па така Шпанија останува 10-та, Италија 12-та, Израел и Албанија се на 63-та и 66-та позиција, а Лихтенштајн е 189-ти.
На врвот остануваат Бразил, Аргентина, Германија, Чиле, Колумбија, Франција, Белгија, Португалија и Швајцарија.
Квалификацискиот циклус продолжува следниот месец, а на 11 јуни на Филип Втори гостува Шпанија.