Некогашен фудбалер на Реал Мадрид, денес работи во магацин во Крагуевац за 400 евра

Некогашниот репрезентативец на Југославија кој беше член на селекцијата која на Светското првенство 1990-та стигна до четвртфинале па испадна на пенали од Аргентина на Марадона, Предраг Спасиќ има тешка животна судбина.

Животот, а богами и фудбалот пишуваат романи. Некогаш среќни, а некогаш не. Роман со тажно сценарио е животниот пат на некогашниот играч на Раднички Крагуевац, Партизан, Реал Мадрид и Осасуна.

Педесет и седум годишниот Спасиќ е еден од ретките играчи од овие простори кои стигнале до големиот Реал Мадрид, еден од најтрофејните и најголеми клубови на свет.

„Благодарение на фудбалот, вели Спасиќ, ги почуствував сите сладости на животот, но подоцна западнав во страшен кошмар.“

За „кралскиот клуб“ некогашниот бек и стопер на белградски Партизан, одиграл 22 меча во една сезона а престојот во Реал му го одбележи, не по добро, едно дерби Ел класико со Барселона на „Камп Ноу“.

На 19-ти јануари 1991-ва година, Реал Мадрид ѝ гостувал на Барселона. Во 62’ минута фудбалерот на Барса Еузебио центрира во противничкиот шеснаесетник, а таму неспретно со глава топката ја удира Предраг Спасиќ и таа ефектно завршува во голот на неговиот Реал Мадрид.

На тоа дерби играа големи ѕвезди како Михаел Лаудруп, Зубизарета, Хозе Мари Бакеро, Гојкочеа, Георге Хаџи, Бутрагењо, Уго Санчез, Чики Бегиристаин, Мичел, предводени од клупите од двајцата великани: Јохан Кројф и Алфредо Ди Стефано.

Спасиќ си даде автогол и тоа многу атрактивен автогол со глава и беше крив за поразот на Реал Мадрид од Барселона.

Од тој момент кариерата му тргнала надолу. Бил исмеван, критикуван а навивачите на Барселона при секое негово гостување на „Камп Ноу“ иронично го скандирале неговото презиме: „Спасиќ, Спасиќ!“ како алузија на автоголот кој си го дал.

„За сè беше крив еден лош меч. Животот ми се смени после средбата со Барселона на „Ноу Камп“. Не сакав да си дадам автогол, се колнам! После тоа беше страшно... Се сеќавам на секој момент. Топката ме погоди и заврши во мрежата. Сакав да умрам. „Ноу Камп“ ме погреба како играч. Никогаш нема да го заборавам скандирањето на тој стадион: „Спасиќ, Спасиќ“, само што доаѓаше од навивачите на Барселона.

После ова Србинот оди во Осасуна и следните три сезони ги поминува во гордоста на Памплона. Во Шпанија настапувал кратко и за Атлетико од Марбеља.

Заработил одлично во текот на кариерата, но како и многу други познати спортисти, така и тој не успеал да вложи на прав начин. Решил да инвестира во некој проект кој набрзо пропаднал, доживеал тежок банкрот и сега работи во магацин во родниот Крагуевац за 400 евра месечно.

„Ми треба помош во економска смисла. Живеам од ден за ден, во тешка ситуација сум. Треба да бидеш јак сето тоа да го пребродиш“, вели некогашниот играч на Реал Мадрид за шпански Relevo.

Претходно српскиот фудбалер повеќе од 30 години не се појавувал во медиумите и сакал да живее на страна од јавноста. Откако ја слушнале оваа жална исповед на Спасиќ, се јавиле од Здружението на ветерани на Реал Мадрид со цел да му помогнат, а за помош се јавиле и други страни.

КАКО ВООПШТО СТИГНАЛ ДО РЕАЛ МАДРИД, КОЈ ГО ЗАБЕЛЕЖАЛ И КАДЕ?

„Ден денес не ми е јасно како си дадов автогол против Барселона. Некој центрираше од десна страна, голманот Јаро се јави дека ќе излезе на топка, јас лошо ја поставив главата и наместо да ја исфрлам во корнер, таа заврши во мрежата. Цел стадион на Барселона го скандираше моето име и тоа ми беше најболен момент во кариерата. Тука дефинитивно заврши мојата приказна со Реал зошто претседателот Мендоза после мечот инсистирал кај тренерот Тошак да не ме става веќе во тимот. Дури и во некои интервјуа подоцна алудираше дека намерно си дадов автогол, веројатно под притисок од јавноста. Не губев надеж и доаѓањето на Радомир Антиќ (единствен тренер што ги водел Барселона, Реал и Атлетико Мадрид) на крајот од сезоната некако ме врати од мртви“, се сеќава Спасиќ во едно интервју и продолжува:

„На Антиќ му се пожалив дека од доаѓањето во Мадрид немав нормални подготовки. Ми даде две недели да се спремам и ми вети дека ќе ги одиграм сите натпревари до крајот од сезоната. Така и беше. Се препородив и во два наврати ми избраа во тимот на колото на Ла Лига.

Ми се намести последниот меч во дресот на Реал Мадрид да го играм во претпоследно коло против Барселона.

Победивме 1:0, јас бев меѓу подобрите на терен и домашната публика со овации ме испрати во соблекувална. Тоа ми беше најубава можна сатисфакција за се она што го доживеав под водство на Тошак, Ди Стефано и Камачо. После како член на Осасуна му дадов гол на Реал Мадрид што исто ми годеше многу без оглед на убедливиот пораз на тој меч“, вели Спасиќ.

Интересна е и приказната како воопшто стигнал до Реал Мадрид.

„Претседателот на Реал во тоа време, Мендоза бил на Светското 1990-та во Италија и ги следел сите средби на Мундијалот. Многу сум му се допаднал и кога ги сретнал Зечевиќ и Ќурковиќ (некогашни директор и претседател на Партизан) во Цирих на ждрепка за еврокупови, им закажал состанок во Рим. 

Јас во тоа време бев на одмор. Зечевиќ ми се јави на телефон и ми кажа итно да се вратам за Белград зошто треба да завршиме важна работа. Ни на крај на памет не ми падна дека се работи за Реал. Истрчав до стадионот и кога слушнав за што се работи, мислев дека се шегуваат. Отидов дома и на жена ми и викам: „Овие ме зафркаваат“. Утредента отпатувавме за Мадрид и сè се заврши многу брзо. Поарно така. Да потраеше подолго, можеби нешто ќе се искомплицираше. Организираа промоција, ме прошетаа по трофејната сала, ми дадоа да жонглирам, а јас ја боцнав два-три пати топката и ја рогнав небо под облаци за да си ги скратам маките. 

Си мислев во себе „не сум дошол овде да пимплам, туку да уклизувам и да бричам. Се беше како на филм“, вели некогашниот снажен и незгоден дефанзивец на Реал Мадрид, Партизан, Осасуна, Раднички Крагуевац и репрезентацијата на Југославија.

6 март 2023 - 13:06