Фантазија е кога во екипата имаш волшебници како Нејмар, Кутињо, Марсело и Габриел Жесус. Но зад нив од сенка има работник кој неуморно ора по теренот и го чува грбот на Бразил.
Тој човек се вика Паулињо и тој човек напиша интересна сторија за неговиот фудбалски пат.
„Меси ми се приближи. Тоа беше минатиот јуни, игравме против Аргентина, пријателска во Австралија. Добивме слободен удар и јас стоев зад топката со Вилијан и уште еден играч. Не за да го изведам фаулот, туку како трик.
Наеднаш Меси ме погледна во очи и рече: „Значи... одиме во Барселона или не?“
Само тоа. Без објаснување, без ништо. Се сврте и замина. Немав време да размислувам, само реков: „Ако ме земеш, ќе дојдам!“.
Тешко губам фокус на играта, но откако Меси ги кажа тие зборови до моментот кога Вилијан го изведе слободниот, помислив: „Сериозен ли е? Зошто ми го кажа тоа? Боже, што се случува?“
Во тоа време играв во Кинеската Супер Лига за Гвангжу Евергранде и никој не би поверувал дека Барселона се интересира за мене. Мислев дека е зафрканција, дека Меси сака да ме збуни или нешто слично. Но игравме само пријателска... или можеби не?
После мечот, на човек од обезбедувањето му го дадов мојот дрес и го замолив да му го даде на Меси. Кога се врати од соблекувалната на Аргентина ми го донесе дресот на Меси.
Тогаш помислив: „Чекај, реално е ова?“
Но по нашата турнеа по Австралија, се вратив во Кина и не слушнав ништо за трансфер. Пројдоа месец дена и заборавив на се. Едноставно уживав во фудбалот во Кина. Потоа, во јули почнаа гласините дека Барселона се интересира за мене.
Му се јавив на менаџерот и му реков: „Шефе, за Божја милост,
ќе полудам! Кажи ми само дали е вистина или не е!“ А тој одговори: „Па, комплицирано е. Можеби ќе биде, а може не.“Веднаш му пишав на Нејмар, го прашав: „Човече, сериозна ли е работава? Да не знаеш нешто? Ќе полудам.“
Но и тој минуваше низ неговата трансфер ситуација, па не беше баш сигурен.
Знаете како оди со трансферите тие денови. Не можеш да веруваш во ништо. Има толку многу работи од околу, а јас искрено уживав во Кина. Со жена ми имавме прекрасен живот а јас играв одличен фудбал. Пред гласините за Барса, имав целосен мир.
Во август кога трансфер прозорот се затвора изгледаше дека е готово. Играв натпревар во кинеското првенство тој викенд а имавме пријатели од Бразил во нашиот стан.
Таа вечер, менаџерот ми се јави и ми рече: „Договорот е готов. Треба да дојдеш во Барселона и да потпишеш договор.“
Сериозно не му верував. Му реков: „Вистина ли е? Плати ли Барселона? Да не ме зафркаваш?“ Ми одговори: „Не, не, не. Мора да бидеш таму утре.“
Спомнав ли дека беше четири часот наутро? Му реков: „Не можам, имам пријатели на гости од Бразил, четири часот наутро е!“, а тој продолжи: „За Барса се работи! Земај ги со тебе! Фати го првиот авион човеку!“
Така се спакував и тргнав кон аеродромот. Седев позади во колата, гледав низ прозорот на автопатот и си помислив.... Меси!
*****
„Но сериозно, ако мислите дека мојот трансфер од Гвангжу во Барселона е луд, тогаш уште не ја знаете целата моја приказна. Тоа беше можеби чаптер 10. Мојата животна приказна е многу поневеројатна.
Кога имав 19 години го баталив фудбалот.
Еден месец седев дома во депресија. Тоа беше во летото 2008. Меси ја освојуваше тројната круна со Барселона, а јас бев на каучот дома, размислував што ќе правам до крајот од мојот живот.
Само што се вратив дома во Сао Пауло од играње надвор во Литванија и Полска каде имав трауматско искуство.
Кога стигнав во Литванија на почеток беше убаво. Играв за Вилнус, средновековно градче како од филмовите. Беше многу поразлично од Бразил, не го зборував јазикот, но беше многу мирно.
И еден ден, кога шетавме со еден од моите бразилски соиграчи, Родни, група дечки агресивно не нападнаа, и...
Добро, уште ме гневи кога зборам за тоа тој ден... почнаа да прават мајмунски крици и да не навредуваат. Мислам, никого ниту закачавме ниту ништо. Само тргнавме во пекара.
Првпат во животот се соочив со таков расизам. И за жал, не беше првпат. На улиците, луѓето се удираа во нас за да не испровоцираат. Не викаа по има. На натпреварите во Литванска лига, противничките навивачи правеа мајмунски крици и фрлаа парички кон нас. Беше одвратно чувство.
Знаевме дека не е наша земја, па моравме да прифатиме и да одиме напред. Но никој не заслужува да биде третиран така. По една сезона таму отидов во Послска, но бев повреден од лошото искуство.
Бев многу осамен. Го напуштив Бразил на 17 години за да им овозможам на моите подобар живот, но кога се вратив дома после две години бев тотално разочаран од фудбалот.
Им кажав на моите, на поранешната жена, на менаџерот: „Готово е, завршувам.“
И знаете што ми кажа поранешната жена? Таа веројатно ми ја спаси кариерата. Ми кажа: „Да го оставиш фудбалот? Па ти не знаеш друго ништо да работиш. Не знаеш ни сијалица да смениш“. Ѝ одговорив: “Ќе научам! Барем тоа не е толку тешко!“ а таа рече: „Помисли на твоите. Ќе биде понижувачки за нив, и за се што ти пружииле.“
Во право беше. Од пет години кога трчав по улиците на Зона Норте со топката, мајка ми беше на моја страна во секоја ситуација. Кога бев дете, сакав да играм фудбал толку многу што не можев да спијам навечер. Гледав во ѕидот и размислував: „Ајде веќе нека се раздени за да ја имам топката пак во нозе!“
По моето искуство во Европа, изгубив љубов за фудбал. Но знаев дека ако се откажам тоа многу би ги повредило моите, па решив да одиграм уште една сезона.
Ја обновив кариерата од дното, почнав од нула со клубот Pão de Açúcar од бразлиската четврта лига. Не беше баш Лига на шампиони.
Патувавме по осум часа со автобус за да играме на 40 Степени. На почеток си викав: „Нема да успееш. Мора да научиш да ѕидаш куќи или нешто, зошто нема да успее ова“.
Но полека, полека.... со тренинзи и натпревари секој ден, ја избришав негативноста и бев среќен пак. Се искачив од четврта до втора лига и потоа стигнав до прва лига во Коринтијанс.
Таму го сретнав човекот кој ми го смени животот и ми стана втор татко - Професорот Тите. Многу сум емотивен кога зборувам за Тите зошто сме поврзани многу повеќе од фудбалот. Тој можеше да ме погледне во очи и да сфати дали сум добар или не. Не мораше да збориме ни збор.
Имаше една интересна анегдота што многу луѓе не ја знаат. Имавме одлична сезона во Коринтијанс во 2011-та. Ја освоивме титулата и често имаше понуди за наши играчи. А мене сакаше да ме доведе Интер.
Кога ми се јави менаџерот да ми каже дека Интер чека одговор за 15 минути, тоа беше пред тренинг па отидов кај Тите во канцеларија и му кажав: „Шефе, не знам... Интер е, еден од најголемите клубови на светот.“
А Тите ми кажа: „Види, ти одлучуваш. Секако дека јас сакам да останеш, но твој живот е. Оди во соблекувалната и размисли. Кога ќе решиш дојди на терен. Ако останеш, само направи ми вака (со палецот нагоре) ако одиш или вака (со палецот надолу) ако остануваш. Така ќе знам“.
Му се јавив на менаџерот и му ја кажав одлуката. „Сигурен ли си?, -Сигурен сум.“
Излегов на терен, Тите ме погледна, а јас почекав две секунди за да направам драма па му покажав со палецот надолу дека останувам.
А тој рече: „Боже, мислев дека си одиш!“
Со Тите работев четири години во Коринтијанс. Тоа беше златен период од мојот живот и кариера. Кога играв подоцна во Тотенхем во Премиер лигата, поминав тежок период во втората сезона таму и луѓето изгубија верба во мене. Но само еден човек ми веруваше - Тите.
Сакам да расчистам нешто во врска со Тотенхем. Не можам да кажам лош збор за клубот или за луѓето од управата или за претседателот. Вистина е дека поминав тежок период таму како играч, имаше време кога не ми се излегуваше од домот во Лондон зошто бев под стрес што не играм.
За фудбалер да не игра е како риба на суво. Како да се гушев. Од некоја причина, тренерот Маурицио Почетино не ме планираше. Не се вклопував во неговата филозофија. Никогаш немавме никаква расправија.
Еден ден отидов кај претседателот на клубот и му кажав да ја прифати секоја понуда за мене блиска до таа колку што ме платија за да си одам. Беа многу професионални.
Истото лето, Спарс добија добра понуда од Гвангжу Евергранде и помислив: „Зошто да не?“
Другарите се чудеа. Ми пишуваа: „Кина, што ќе правиш во Кина, човеку?“, а јас одговарав „Кина, ајде да видиме“.
Се водам според тоа што еднаш ми го кажа Дани Алвес кога минував низ тежок период: „Ние сме како деца кои играат на дожд. Ако не оди, што е проблем? Не е крај на светот? Не, само треба да смениш средина за да играш.“
Луѓето мислеа дека кариерата ми е готова штом одам во Гвангжу Евергранде, но, кога се дрнкав со автобус во четвртата бразилска лига никој не знаеше ни кој сум. Како да бев во пештера човеку. Бев мртов за светот.
Значи ќе одам да играм во Кина за Фелипе Сколари? Не е толку лошо, бев среќен навистина.
Во тоа време не ни помислував дека ќе играм на уште едно Светско првенство. Ниту на сон не помислував дека ќе играм за Барселона. Целта ми беше само да играм добар фудбал секој ден.
Кога Тите го поставија за селектор на Бразил во 2016 бев пресреќен затоа што заслужи. Додека играв за Коринтијанс знаев да му кажам: „Професоре, секогаш зборуваш за нас играчите што заслужуваме. И ти заслужуваш да ја водиш репрезентацијата еден ден.“
Но да бидам искрен не очекував дека ќе ме викне.
Еден ден, Тите го пратил син му Матеус во Кина да ме гледа, затоа што игравме многу добро, освоивме трофеи и мислам дека беше љубопитен во стилот: „Што прави Паулињо во Кина, како му оди?“
Кога дојде Матеус и кажав на жена ми: „Барбара, те молам, те молам направи се што можеш Матеус сигурно да стигне на мечот. Затоа што во сообраќајот е ужасен метеж и некогаш е тешко да стигнеш до стадионот а сакав да ме гледа како играм.“
Од некоја причина немаше такси, па дојдоа на натпреварот со тук-тук (моторче такси). Беше лудо. Дента не пробував ништо специјално, играв како што знам зошто мислев: „Ме познаваат.“
После тој натпревар чекав и чекав... не очекував ништо посебно. Но после неколку недели, излегуваше списокот за квалификациите за Светско и моето име беше на него.
Сите медиуми пишуваа: „Како може Тите да го вика Паулињо? Па тој игра во Кина.“
Тите ми даде шанса да му покажам на светот дека не сум мртов. И во квалификациите ја покажав мојата вредност.
Кога ме викнаа во репрезентацијата за Светско, тоа беше огромна радост не само за мене, туку и за моето семејство.
****
Но сакам да споделам нешто што многу луѓе не го знаат. Сите гледаат од адвор и мислат: „Човеку, ти дојде од Кина во Барселона, каква неверојатна приказна. Какво чудо!“
Но кога потпишав за Барселона, се случи најдраматичниот момент во мојот живот. Во тоа време, жена ми Барбара беше бремена, носеше близнаци. Требаше да се родат во декември, пред Божиќ. Еден ден во октомври, ми кажа дека има големи болки и дека морам да ја возам на лекар. Секогаш одбиваше да оди во болница, па сега знаев дека нешто не е како што треба.
Кога стигнавме во болница, и направија некои тестови и ја внесоа на Интензивна нега. Нашите близнаци требаше да се родат иако поминаа само 28 недели. Беше премногу опасно. Докторите сакаа да ја држат уште две недели повеќе пред пораѓај за да може добро да се развиваат.
Се сеќавам дека им се јавив на моите во Бразил и им реков: „Што ќе се случи? Ќе преживеат ли?“ Ми беше ужасно тешко.
Но жена ми беше борец. Издржа седум дена... 14 дена... 20 дена.
Многу ноќи спиев на фотелјата во собата. Но морав и да играм фудбал. На 30 октомври игравме против Олимпијакос во Грција во Лига на шампиони. Морав да се качам на авионот.
Ноќта ми се јави Барбара да ми каже дека нашата ќерка и нашиот син Софија и Зе Педро се родени.
Жена ми издржа 21 ден. Плачев непрестано. Сакав да бидам таму и да ги видам донесени на овој свет. Но тие беа добро, тоа е најважно.
И двајцата беа во инкубатор два месеци. Не беа доволно силни за да дојдат дома. Во тоа време фудбалот ми беше многу неважен. Луѓето зборуваа како играм за Барса, но приватно минував низ екстремно тежок период. Тие беа денови кога се спремав за тренинг а мислев на моите деца во болница.
Мора да и оддадам признание на жена ми. Таа беше херојот. Јас требаше само да играм фудбал. А таа се избори за животот на нашите деца.
На 23 декември, Софија и Зе Педро дојдоа дома. Тоа беше најубавиот поклон за Божиќ што сум го добил.
Кога луѓето ја слушаат мојата приказна, си велат: „Човеку, да дојде од Кина во Барселона. Ќе игра и на Светско. Како може да се објасни тоа?„
Не знам. Фудбалот е полн со падови и подеми. Непредвидлив е. На многу начини јас сум истиот играч од кинеската Супер Лига. Да прејдеш од Кина во Барселона е неверојатно, но не е чудо. Не е живот или смрт. За фудбал се работи.
Чудо е кога ќе дојдеш дома од фудбал и без разлика на резултатот, децата ќе те погледнат и со очињата ќе ти кажат: Olá, Papai.