„Не се тепајте, јас сакам да играм“

Алехандро Родригез Масиас има само 5 години, а веќе стана херој на интернет и тоа преку една фотографија на која ги брани вистинските вредности на грасрут фудбалот.

Изминатиов викенд во шпанскиот град Лас Палмас се одиграа неколку натпревари од школска лига во која не постои табела, ниту било какво рангирање. Едноставно екипите составени од мали дечиња играат натпревари без разлика на резултатот, а единствената цел е децата преку позитивните аспекти на спортот и спортскиот дух да бидат поттикнати да учат и да водат здрав живот.

Но возрасните заборавиле на овие цели и вредности и на еден од натпреварите, тренерот на една од екипите влегол на теренот со желба да се пресмета со судијата.

За среќа, децата во оваа ситуација биле поприсебни од возрасните и малиот Алехандро застанал помеѓу тренерот и судијата, молејќи ги да престанат за натпреварот да може да продолжи.

Фотографиите од инцидентот бргу се раширија на интернет и 5-годишниот Алехандро Родригез Масиас стана вирален херој.

14 мај 2013 - 14:48