Македонија продолжува да се мачи на гостински терен каде веќе пет години нема победа, а се мачи и во овие веќе завршени квалификации со само 3 освоени бодови од дуелот на домашен терен против Луксембург.
Новиот селектор Љубинко Друловиќ се реши за неколку измени во составот. Деби настап имаше левиот бек Леонард Жута кој игра во Шведска, а шанса добија и Владимир Димитровски од Вардар и Душко Трајчевски од Работнички.
Аутсајдерската улога во Жилина се потврди по само 8 минути игра кога домаќините го отворија резултатот со голот на Салата кој со глава го лобуваше Томе Пачовски.
По примениот гол нашите фудбалери упорно ја пимплаа топката исклучиво во нашиот шеснаесетник, а најмногу додавања имаа централните дефанзивци. Тоа делуваше досадно и патетично без никаков резултат.
Словачка не остави да играме со топка, но македонските репрезентативци го правеа тоа како прв пат да играат заедно и никако не успеваа да создадат прилика за гол.
Првата некаква иницијатива се случи во 30 минута кога за прв ја видовме топката дека стигнува до шеснаесетникот на Словачка. Беше упатена до Александар Трајковски кој доби најнапаѓачка улога од Друловиќ, но тој не успеа да ја прифати. Првиот аут во нивна половина го изведовме две минути потоа.
По безличната игра на нашиот национален тим кој првиот шут кон гол го имаше дури во 42 минута кога Аријан Адеми биеше очајно по земја, фудбалерот на Наполи, Марек Хамшик четири минути претходно зголеми на 2:0.
Во играчка смисла избраниците на Љубинко Друловиќ не успеаа да променат многу во вториот дел, освен што конечно почнаа да играат со топка и во шеснаесетникот на Словаците.
Од нигде никаде во 69 минута успеавме барем да ја намалиме предноста на домаќините кои по корнерот на нашите репрезентативци киксираа на првата статива. Адеми на асистенција на Муарем го постигна дебитантскиот гол за националниот тим за конечни 2:1.
Македонија не успеа да создаде шанси за израмнување, а во 84 минута беше исклучен Ферхан Хасани кој доби втор жолт картон.
На 5 септември му гостуваме на Луксембург.