Интер синоќа славеше со 3:0 во 12. коло од Серија А, но убедливата победа воопшто не им донесе насмевки на навивачите, бидејќи беше издвојувана на мускули, со првиот гол постигнат во 84 минута и тоа против Кротоне, екипа која е на дното на табела.
Натпреварот го одбележаа транспаренти со пораки, како и свирежи упатени до играчите и до раководството на клубот кое изгледа дека не знае кај тера.
Пред стартот на мечот, навивачите на Интер се обратија вака:
„Само тие што играат на терен се полоши од оваа непостоечка управа. Има предуслови да ја омаловажите 108 годишната историја на клубот. Бидете внимателни бидејќи ситуацијата станува тешка“.
Транспарентот до фудбалерите беше краток и јасен:
„Треба да трчате“.
Тоа што сакаа да им го кажат на луѓето кои го водат клубот беше иронично:
„Си биле Англичанец, Кинез и Индонезиец кои сакаат повторно да направат да бидеме клуб за потсмев во Италија“.
Имаше и парола во која сакаат да кажат дека вината за резултатите не оди кај тазе отпуштениот Франк Де Бур.
„Благодарам Франк, плати грешки кои не се твои“.
Второ, шесто, деветто, петто, осмо и четврто се местата на Интер во последните шест сезони во Серија А кои кои ги минаа без трофеи. Се радуваа на историската тројна круна со Жозе Мурињо, но од минато не се живее и од тогаш клубот само менува тренери и не постигнува никакви задоволителни успеси.
Во периодот од 2010-та до 2016-та на Џузепе Меаца седнаа дури осум тренерски имиња, а најдолго издржа повратникот Манчини.
РАФА БЕНИТЕЗ (7.10.2010 – 23.12.2010)
25 меча: 12 победи, 6 нерешени и 7 порази. Во просек по 1,68 бодови по натпревар.
ЛЕОНАРДО (24.12.2010 – 24.6.2011)
32 меча: 21 победа, 4 нерешени и 7 порази. Во просек по 2,16 бодови.
ЏАН ПЈЕРО ГАСПЕРИНИ (24.6.2011 – 21.09.2011)
5 меча: 0 победи, една нерешена и 4 порази. Во просек по 0,20 бодови.
КЛАУДИО РАНИЕРИ (22.9.2011 – 26.3.2012)
35 меча: 17 победи, 5 нерешени и 13 порази. Во просек по 1,6 бодови.
АНДРЕА СТРАМАЧОНИ (27.3.2012 - 24.5.2013)
31 меч: 31 победа, 11 нерешени и 23 порази. Во просек по 1,6 бодови.
ВАЛТЕР МАЦАРИ (24.5.2013 – 14.11.2014)
58 меча: 25 победи, 21 нерешени и 12 порази. Во просек по 1,66 бодови.
РОБЕРТО МАНЧИНИ (15.11.2014 – 8.8.2016)
77 меча: 36 победи, 18 нерешени и 23 порази. Во просек по 1,64 бодови.
ФРАНК ДЕ БУР (9.8.2016 - 1.11.2016)
14 меча: 5 победи, 2 нерешени и 7 порази. Во просек по 1.21 бодови.