Овие прекрасни бројки од CV-то, Гонзало Игуаин ги оствари во Ривер Плејт, Реал Мадрид, Наполи, Јувентус, Милан, Челси, а последен клуб на оваа листа ќе му Интер Мајами каде настапува последниве две години.
Иако има 34 години и не е престарен, славниот Пипита свика прес конференција на која обелодени дека оваа сезона во МЛС ќе му биде последна во кариерата.
„Чувствувам болка во душата и му кажувам збогум на фудбалот, професија која ме направи привилегиран“, рече аргентинскиот напаѓач.
По трите титули со Реал Мадрид во кој испорачуваше сјајни бројки, Игуаин немаше адекватна минутажа. Го продадоа во Наполи за 39 милиони евра со што ги запали Апенините.
Беше до толку незапирлив што Јуве во 2016-та исплати за него неверојатни 94 милиони евра, откако во претходната сезона постигна 36 првенствени голови, рекорд во Серија А кој четири години подоцна го израмни Чиро Имобиле.
„Кога Јувентус реши да ја активира мојата откупна клаузула, тоа беше неверојатно. Станав најскапиот Аргентинец во историјата на фудбалот. Не направив многу во Милан и Челзи, но чест ми е што ги носев нивните дресови. Сакам да му се заблагодарам на Јувентус, еден од најголемите клубови во Европа. Времето што го поминав таму беше прекрасно. Запознав пријатели и се чувствував привилегирано“.
Со Јувентус стана трикратен првак на Италија и во 2017-та им помогна да стигнат до финале во ЛШ, кое го загубија токму од поранешниот негов клуб, Реал Мадрид.
Во кариерата му недостасува тој трофеј, како и Светско првенство. Многумина се прашуваат што ќе се случеше во финалето против Германија 2014-та, ако не го промашеше зицерот поради грешката на Тони Крис. Таквите шанси во кариерата ги реваваше со 90% успешност.
Од 2018-та Игуаин не беше повеќе истиот. Го бараа во Милан, Челси и повторно во Јуве, но не играше фудбал за највисоко европско ниво и среќата ја пронајде во МЛС.
„Одлуката ја донесов пред три, четири месеци. Разговарав со управата на клубот и најдовме решение. Кога пристигнав овде, тоа го направив со големо задоволство и уживав во фудбалот. Всушност, престанувам да играм во еден од најдобрите моменти во мојата кариера. Многу се забавував оваа сезона. Отсекогаш сум замислувал вака да ја завршам кариерата. Најдов одличен тим во Мајами и сакам да им се заблагодарам на момците што ми ја вратија страста за фудбалот. Не очекував да го најдам сето ова во МЛС. Ова е најтешката одлука за фудбалерите, но повеќе би сакал да застанам во оваа фаза од мојата кариера. Девет години во Аргентина, учество на три светски првенства е најдоброто нешто што ми се случи. Можам само да бидам благодарен“, заклучи Пипита со солзи во очите.