Најк потпишал договор вреден 10 милиони долари со 14-годишно дете од Борусија

Откако видел за каков талент станува збор, гигантот за спортска опрема решил да го „капариса“ малиот Јусуфа Мукоко кој постигнал 106 гола на 67 меча за младинците на Дортмунд.

Мукоко го нема по билборди и реклами за Најк, но американскиот производител на спортска опрема имал многу причини да обрати внимание на него:

- Мукоко по преминот од Сент Паули во Борусија Дортмунд во јули 2016, до денес постигнал 106 гола на 67 натпревари. Во просек по гол на 46 минути;

- По првата година во Дортмунд, 12-годишниот Мукоко го прекомандувале во екипите У-16 и У-17 во јуниорската Бундеслига. Во сезоната 2017/2018 малиот Јусуфа постигнал 40 гола на 28 меча, а во тековнава сезона веќе има 36 гола на 21 натпревар.

Талентираниот Мукоко не го забележиле само во Дортмунд, туку и во репрезентацијата на Германија каде веќе дебитирал за У-16 селекцијата и постигнал 3 гола на 4 меча!

ВО ШТО Е ЛОГИКАТА НА НАЈК?

Компанијата за почеток веќе му платила 1 милион евра на сметка на Мукоко. Во договорот има неколку опции кои ќе се активираат во зависност од достигнувањата на малиот Јусуфа. На пример, има голем бонус за деби во Бундеслигата со сениорите.

Севкупно Мукоко може да заработи 10 милиони евра од Најк!

Најк на овој договор гледа како на инвестиција за иднината. Брендот веќе извесно време потпишува перспективни играчи и смета на тоа дека тие во блиска иднина ќе станат мега суперѕвезди. Мукоко веќе го гледале скаутите на Барселона, ПСЖ и Манчестер Сити.

Поради ваквиот огромен интерес почнале и првите проблеми за малиот Јусуфа. Не го викнале во репрезентацијата на Германија до 17 години, а селекторот Михаел Фајхтенбајнер рекол дека така сакал да избегне врева и галама околу малиот па да го заштити.

„Јусуфа и неговото опкружување не се справуваат добро со интересот за него. Тој треба индивидувално да се развива во мир и да биде близу семејството, затоа решивме да не го викаме во репрезентацијата У-17“.

Јусуфа Мукоко е роден на 20 ноември 2004 година во Јаунде (главниот град на Камерун). Растел кај баба му и дедо му кои го воспитувале. На 10-годишна возраст со татко му се преселил во Хамбург и се запишал во академијата на Сент Паули од каде подоцна преминува во Борусија Дортмунд.

Мукоко има голем план:

„Сакам да станам професионалец во Дортмунд, со Борусија да освојам Лига на шампиони и да ја освојам Златната топка“, некако многу смело од 14-годишно дете.

Треба да се има предвид дека пред Јусуфа Мукоко имаше стотици други екстра талентирани деца од кои некои исто имаа договори со големите компании, но на крајот не го издржаа притисокот и нивната кариера зајде неповратно. Еден од нив беше Фреди Аду, најголемиот талент во историјата на американскиот фудбал кој со 14 години ги полнеше насловните страни, за после десетина години да заврши во Јагодина.