Најинтересни моменти во европскиот фудбал викендов

Во случај да сте пропуштиле дел од случувањата низ Европа викендов, имаше некои моменти кои се вредни спомен.

Англија

- Барнли беше декласиран од Арсенал (5-0) но и покрај тоа се квалификуваше во Лига Европа - пласман во еврокуповите после повеќе од 50 години! 100% во ова натпреварување ќе игра и Арсенал и тоа со нов главен тренер. За двете места во Лига на шампиони се борат Ливерпул, Тотенхем и Челси.

- Кардиф (на фото горе) одново е во Премиер лига. Велс добива уште еден тим во елитата иако другиот претставник Свонси има пеколно тешка задача да опстане.

- Англиската Премиер лига останува без Стоук Сити првпат после 10 сезони. Последен пат испаднаа од елитата кога на стадионите во Англија уште беше прифатливо за работничката класа.

- Болтон 10 минути го делеа од испаѓање дури во трета лига. Им требаа два гола против Нотингем Форест за да ја продолжат битката и ги дадоа! Колку бил луд мечот (3:2) покажа и твитот на официјалниот профил на Болтон.

- Фулам изгуби првпат после декември месец (23 меча без пораз) и поради тоа не обезбеди автоматски влез во Премиер лига. Фулам остана трет зад Кардиф и ќе мора да се бори во напорниот плејоф каде ќе игра против Дерби Каунти (Мидлзборо против Астон Вила).

Италија

- Наполи има математички шанси да го освои скудетото. На пример мора да ги добие двата преостанати меча со минимален резултат и да се надева дека Јувентус ќе изгуби 10:0 од Рома на гости и дома 0:5 од Верона. Будалаштини.

- А Верона се врати одново во Серија Б откако остана закована на дното. Верона пред некоја година исто испадна од Серија А а се врати после неколку сезони.

Шпанија

Валенсија се враќа во Лига на шампиони. Му бегаат на петтопласираниот цели 8 бода што значи дека на есен Валенсија ќе стартува во групната фаза на ЛШ, нешто што не сме виделе одамна.

Германија

- Нирнберг се враќа во Бундеслигата осми пат во историјата. И тоа е германски рекорд - никој така често не се враќал во елитното друштво од втора лига.

- Холштајн (клуб стар 117 години) конечно ќе игра плејоф за влез во Бундеслигата! Во 2017-та овој клуб играше во трета лига.

- Шалке оди во Лига на шампиони од следна сезона. Екипата во Европа ја врати 32-годишен талентиран германски тренер Доменико Тедеско кој никогаш не работел во Италија.

- Фортуна Дизелдорф исто ќе игра во Бундеслигата (таму не биле пет години). Се вратија во елитата уште пред една недела но празнуваа викендов после домашниот меч со Холштајн (навивачите на фото горе).

Франција

Мец нема веќе никакви шанси да остане во Лига 1 а за опстанок грчевито ќе се борат Троја, Тулуз, Стразбур, Лил и Каен. Што се однесува до новите прволигаши: Реим и Ним се сигурни а низ плејоф за трета карта ќе се борат Ле Авр, Брест и Ажаксио.

Русија

- Крилја Советов и Оренбург одново ќе играат во најдобрата руска лига. Самарците се вратија во елитата пред 40.000 гледачи и во следната сезона на РФПЛ би требало да играат важна улога.

Португалија

- Порто е шампион на Португалија. Екипата на Икер Касиљас го совлада Феиренсе а Спортинг и Бенфика играа 0-0 во дербито за место во Лига на шампиони. Порто е лидер со седум бода на коло пред крајот. Сините од „Драгао“ ја забележаа и 28. победа и го слават пехарот кој не го освоиле пет години.

Австрија

- Ред Бул Салцбург не влезе во финалето на Лига Европа иако надомести 2-0 против Марсеј но по петти пат по ред стана шампион на Австрија. Ако тренерот Марк Розе остане, за оваа екипа ќе слушаме уште.

Холандија

Во земјата на лалињата шампион е ПСВ Ајндховен иако најдобар стрелец во лигата стана Иранецот Алирез Џаханбаш од АЗ Алкмар со 21 гол на 33 меча. За една-две сезони ќе го гледаме него во една од четирите главни лиги на светот.

Турција

Башакшехир беше лидер во текот на целата сезона, но сега како да издиша. Во моментов на две кола пред крајот, Галатасарај е прв со 69 бода, Фенербахче е втор со 66, Башакшехир е трет со 66 а Бешикташ има 62 и натпревар помалку.