Најхаотичните 18 дена на Касано кој доби понуда да игра за пита

Само еден играч на планетава земја во рок од една недела два пати се има пензионирано од фудбал. Со оглед на сите негови глупоштини во кариерата и не треба да не чудат овие постапки. Инаку најново, доби понуда од аматерски клуб каде му трдат дека нема да го пука носталгија за дома.

„Во првите два месеца без фудбал бев добар, јадев како магаре и се здебелив 10 кила. А ако јаде како вол?“
 
„Јуве е една убава дунда која не ме возбудува“.
Овие две изјави се сосема доволни за да сфатите каков карактер трпел фудбалот изминативе 15 и кусур години. Сакам, нејќам, играм, плачам, ме мрзи, дебел сум. Го доби прекарот „талентот од Бари“, ама остана плачко до крај и играч без јасен и цврст карактер кој не знае кај тера.
 
Одиме со хронолошко објаснување за тоа како течеа последните 18 дена на Антонио Касано или во превод еден од најпроблематичните фудбалери. Кога претседателот на Сампдорија му кажа дека градот Џенова сака да му даде признание, овој го отера по ѓаволите затоа што требал да вози неколку километри.

10 јули - стана нов член на Верона
На 35 години потпиша за Верона, стариот добро познат прволигаш кој прави кам бек во Серија А. Одигра на две пријателски средби и потоа настана каша попара.
 
17 јули - најави дека се пензионира
Само една недела откако го облече деветтиот различен дрес во кариерата изјави дека се повлекува од фудбалот бидејќи многу му недостасувало семејството.
 
18 јули - изјави дека ќе останел во Верона
Италијанските медиуми објавија дека седум дена по потписот во Верона, Касано одлучил да се пензионира, а одлуката требаше да ја потврди на прес, каде го изјави спротивното.
„Утринава имав тежок период, бев уморен, имав средба со директорот Филипо Фуско и му реков дека сакам да прекинам. Но мојата сегашна одлука е да продолжам да играм, имав момент на слабост. Размислив убаво, ми помогнаа и сопругата и директорот на клубот. Сакам да го надминам ова, утринава се чувствував лошо, ми се случувало и друг пат. Но сега сакам да го продолжам предизвикот и сигурен сум дека ќе победувам. Знам дека одлуката што ја донесов за пензионирање беше луда, сега сакам само да имаме добра сезона со Верона“.

24 јули - повторно најави пензија
Според Скај Спорт, Касано на 24 јули повторно ја сменил одлуката и поради носталгија кон семејството кое не планирало да се сели во Италија, најавил повторно пензија. Премиум Спорт излезе со поинакво тврдење, дека тој ќе продолжи да игра фудбал, ама не во Верона.
 
27 јули - заврши авантурата во Верона
17 дена по ставањето на потписот Верона и талентот од Бари се разледија.
 
28 јули - нова понуда
„Касано дојди да играш кај нас, ќе ти биде блиску до дома и нема да чувствуваш носталгија“.
 
Ова е понудата од Легино, аматерски клуб од Савона каде првите фудбалски чекори ги има направено Стефан Ел Шарави.
„Ги следевме случувањата последните денови со Касано и целосно го разбираме неговото чувство на носталгија кога е далеку од дома. Затоа ни дојде идеа да поканиме да игра во Легино, теренот е блиску до автопатот на Савона и лесно се стигнува од Џенова. Така Касано ќе може за кусо време да доаѓа и да се враќа, секогаш кога ќе почувствува носталгија“, вели тренерот Фабио Тобиа кој истовремено е еден од раководните луѓе на клубот.
Со оглед на тоа што тие не се во можност да платат ѕвезда од таков калибар, му гарантираат гостопримство, како и гратис „farinata bianca“ кога ќе посака. Тоа е нешто слично на пита, инаку познат специјалитет во Савона.
28 јули 2017 - 16:46